(ВИДЕО) Невремето им го расипа празникот на Американците: Речиси милион луѓе без струја за Денот на благодарноста, авионскиот сообраќај во колапс

Од:

Силното невреме што ја погоди источната американска крајбрежна област за Денот на благодарноста остави повеќе од 920.000 домаќинства без електрична енергија, а стотици летови беа откажани во еден од најфреквентните периоди за патувања во годината.

Според податоците на веб-страницата PowerOutage.us, кои ги пренесува „Бизнис инсајдер“, во четвртокот вечерта најголем број домаќинства без струја имало во Пенсилванија, повеќе од 226.000, потоа во Мериленд, околу 170.000, и во Вирџинија, околу 145.000.

Силниот ветер и дождот го нарушија и авионскиот сообраќај. До 18 часот по локално американско време, повеќе од 2.000 летови во САД, кон или од земјата, доцнеле, а 428 биле откажани, покажуваат податоците на сервисот FlightAware. На аеродромот Балтимор/Вашингтон бил откажан секој четврти лет.

Федералната управа за авијација (FAA), како што објави Си-Ен-Ен, привремено ги запре летовите на „Делта“ кон њујоршкиот аеродром „Ла Гвардија“ до 19:30 часот по локално време. Претходно беше воведена и слична мерка за сите летови кон аеродромот „Роналд Реган“ во Вашингтон, но таа беше укината по околу еден час. На „Ла Гвардија“ биле измерени налети на ветер до 72 километри на час.

Снимките на агенцијата Ројтерс прикажуваат поплавени улици во Си Ајл Сити во Њу Џерси, зграда во Оушн Сити чиј покрив бил откорнат од силниот ветер, а делови од него завршиле на улицата, како и рибарски мол на брегот на Вирџинија оштетен од силните бранови. Силен ветер и високи бранови биле регистрирани и во Бостон.

Националната метеоролошка служба (NWS) уште во средата предупреди на големи крајбрежни поплави, ерозија на плажите, силни налети на ветер и обилни врнежи на источниот брег. Беше посочена и опасност од прекини во снабдувањето со електрична енергија и материјална штета предизвикана од паднати дрвја.

Поради невремето, јубилејната 100. парада на компанијата „Мејсис“ по повод Денот на благодарноста во Њујорк првпат во историјата беше одложена и презакажана за сабота. Градоначалникот Зохран Мамдани најави налети на ветер до 60 милји на час, односно околу 97 километри на час.

Невремето доаѓа во период кога Американците најмногу патуваат. Управата за безбедност во сообраќајот (TSA) очекува од 24 до 30 ноември да провери околу 17,6 милиони патници, од кои повеќе од три милиони во недела.

Би можело да ве интересира

1.200 летови откажани во САД за Денот на благодарноста поради лошо време

ЕУ планира технолошки фонд од 50 милијарди евра за да ја намали зависноста од САД и Кина

Горан Наумовски

Трамп се откажа од дел од понудата за Русија: „Стана јасно дека не се заинтересирани“

САД ги предупредија своите граѓани да не патуваат во Украина: Руските напади може да се случат во секој момент

Горан Наумовски

Трамп подготвува нови царини за ЕУ

Иран нема да го отвори Ормутскиот теснец сè додека САД не ги прифатат сите седум услови