Европските лидери на самитот во Даблин постигнаа договор за формирање заеднички европски формат кој ќе учествува во идните разговори за завршување на војната во Украина. Во преговарачкиот тим ќе бидат вклучени Германија, Франција, Италија, Полска и Велика Британија, заедно со претставници на институциите на Европската Унија.
Според информации на Ројтерс, договорот го потврдиле четири извори запознаени со разговорите. Од кабинетот на италијанската премиерка Џорџа Мелони, пак, соопштиле дека е постигнат значаен политички резултат за воспоставување европски преговарачки формат.
Станува збор за форматот Е5, кој ги обединува петте европски држави, со учество на претставници на Европската комисија и Европскиот совет.
Од кабинетот на Мелони посочиле дека договорот е во согласност со нејзиниот претходен предлог, упатен во писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Следува утврдување на европскиот преговарачки мандат
Постигнувањето договор за составот на европскиот тим е првиот чекор, додека следната фаза ќе биде дефинирање на политичкиот и преговарачкиот мандат со кој Европа ќе настапи во наредната рунда разговори.
Русија и Украина неодамна ги обновија директните разговори со американско посредништво, по деветмесечна пауза. Делегациите разговарале за можностите за завршување на војната, додека европските претставници не учествувале директно на преговарачката маса.
Сепак, европските претставници одржале одделни средби со украинската делегација на маргините на состанокот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека европските земји ќе бидат вклучени во следната рунда преговори.
И американскиот специјален пратеник Џаред Кушнер оцени дека договор меѓу Украина и Русија не може да биде постигнат без европските претставници на преговарачката маса.
Со договорот во Даблин, европските лидери се обидуваат да обезбедат заеднички настап во дипломатскиот процес, особено во однос на прашањата што директно влијаат врз безбедноста на европскиот континент.
