Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција го отвори прашањето за улогата на премиерот Христијан Мицкоски во влезот на Алта банка на македонскиот пазар, откако Мицкоски изјави дека пронашол купувачи за банката.
Филипче праша во кое својство премиерот барал купувачи за банката и дали, покрај тоа, бил вклучен и во нејзиното донесување во земјава. Тој потсети дека гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, потврдил дека Мицкоски бил информиран за влезот на Алта банка во Македонија.
„Го слушам изминатите денови премиерот Христијан Мицкоски како кажува дека нашол купувачи за Алта банка. Тој нашол купувачи за Алта банка. Во кое својство? Што е премиерот Мицкоски? Дилер, посредник, пронаоѓач на потенцијални купувачи на банки кај нас. Кога веќе гувернерот Трајко Славески кажа дека бил информиран за влезот на Алта банка тука кај нас, првото прашање што се наметнува по оваа негова изјава е дали тој, исто како што сега наоѓа купувачи за Алта банка Скопје, бил човекот што ја донел Алта банка Србија кај нас“, рече Филипче.
Тој оцени дека Мицкоски бил запознаен со целиот процес и со продажбата на банката, поради што, според него, јавноста има право да знае со кого разговарал премиерот и каква била неговата улога.
„Очигледно е, а гувернерот Трајко Славески тоа го потврди, дека премиерот знаел сè. Ние на тоа укажуваме повеќе од една година, за врските со сестринската СНС. Очигледно е дека премиерот знаел, бил информиран за тоа дека Алта банка доаѓа кај нас да ја преземе тогашна Стопанска банка Битола. Со кого преговарал? Разговарал ли со Давор Мацура, човекот кој од менувачница направи банка со црни пари, криминални пари, пари од корупција, од шверц на дрога и ја стави нашата земја во балканскиот картел на Александар Вучиќ“, изјави Филипче.
Дополнително, тој праша зошто на владина седница била донесена одлука јавните претпријатија да ги отстапат своите акции во корист на Давор Мацура, односно на Алта банка. Според Филипче, во процесот била вклучена и министерката за финансии Гордана Кочоска.
„Зошто на владина седница се носела одлука јавните претпријатија да ги отстапат акциите во корист на Давор Мацура, односно Алта банка? Зошто не донеле одлука тоа да се направи во корист на друга банка? Каков бил интересот да се зголемат капиталот и вредноста на една криминална банка тука кај нас? На владината седница, водена од Христијан Мицкоски, министерката за финансии Гордана Кочоска исто така била вклучена во тој процес“, рече Филипче.
Тој го постави и прашањето во чиј интерес работеле и работат претставниците на Владата кои, според неговите тврдења, биле вклучени во процесот.
