Трајко Славески јавно признал дека одлуката за влез на Алта банка во Македонија била донесена во координација со премиерот Христијан Мицкоски. Ова, според СДСМ, отвора прашања за одговорноста на државниот врв за целиот случај.
„Со премиерот секако“ – ова е признанието на Трајко Славески дека Мицкоски ја донел одлуката за Алта банка, пералницата на пари на Вучиќ и неговата мрежа, рече генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција.
Димитријевиќ потсети дека СДСМ уште пред 11 месеци предупредувал да не се дозволи влез на Алта банка во Македонија, но и покрај тоа, Мицкоски овозможил банката да влезе на македонскиот пазар.
„Додека во Европа имаше санкции и суспензии, додека во Црна Гора имаше одбивање и притисоци поради тоа што не влегла Алта банка, Мицкоски и Трајко Славески ја внесоа во Македонија. И покрај тоа што Европската централна банка реагирала, и покрај сомнителниот капитал, и покрај тоа што формалниот сопственик имал менувачница, а не банка“, рече Димитријевиќ.
Тој обвини дека Владата не само што го овозможила влезот на банката, туку преземала и конкретни активности во корист на нејзиниот сопственик.
„Мицкоски на седница на Влада носел одлуки јавни претпријатија да ги продаваат акциите на Алта банка. Со одлука на Влада му овозможиле на Давор Мацура да стекне поголем пакет акции на сметка на државата. Банкарот на Вучиќ е и банкар на Мицкоски“, изјави генералниот секретар на СДСМ.
Димитријевиќ посочи дека во Србија е отворена стечајна постапка за Алта банка, дека сопственикот Давор Мацура е уапсен и дека се води истрага за 380 милиони евра.
„Во Македонија има принудна управа, народот не може да дојде до своите пари и заштеди, пензионерите до своите пензии, фирмите не можат да исплатат плати. Мицкоски е во паника затоа што знае дека ќе одговара. Знае дека документите и трансакциите се тука. Затоа што знае дека не може да се сокрие кој вршел притисок. Затоа прават притисок врз една домашна и една странска банка да се јават како купувачи“, рече Димитријевиќ.
Тој додаде дека Мицкоски јавно најавува оти ќе преговара за купување на Алта банка, иако Народната банка треба да биде независна институција.
Димитријевиќ побара реакција од Јавното обвинителство и од државниот јавен обвинител Ненад Савески, повикувајќи го да не подлегнува на политички притисоци и да постапува согласно законите.
„Во Кривичниот законик, членот 368-а, јасно е посочена одговорноста за попречување на правдата. Во спротивно, станува соучесник. Мора да почне да си ја работи работата за која положи заклетва пред народот, а не пред ВМРО“, рече тој.
СДСМ бара итна истрага и утврдување одговорност за премиерот Христијан Мицкоски, Трајко Славески, министерката Гордана Кочоска и сите инволвирани во носењето на Алта банка во Македонија, како и за евентуалните притисоци врз јавните претпријатија и институциите.
