ВИДЕО: Пријави за бомби во авиони низ Европа, сменети маршути, принудни слетувања

Од:

Повеќе авиони низ Европа денеска мораа да ги сменат маршрутите или принудно да слетаат поради дојави за поставени бомби, потврдија надлежните служби. Меѓу погодените летови биле авиони на компаниите „Финер“, „Рајанер“, „Аер Лингус“ и „Визер“. Сите авиони безбедно слетале.

Компанијата „Финер“ потврдила дека била добиена дојава за бомба во авионот на летот 1761 од Хелсинки до Рим. Авионот нормално слетал во италијанската престолнина, а при дополнителниот безбедносен преглед не било пронајдено ништо сомнително, објави финската телевизија „Иле“.

Поради дојави за бомби принудно слетале и три авиони на „Рајанер“ кои летале кон Софија, Бугарија.

Два авиона, едниот од Копенхаген, а другиот од Мадрид, безбедно слетале на софискиот аеродром „Васил Левски“, потврдиле надлежните од аеродромот.

Третиот авион на „Рајанер“, кој полетал од лондонскиот аеродром „Стенстед“ кон Софија, бил пренасочен кон Пловдив, вториот по големина град во Бугарија, каде што безбедно слетал. Ова го потврдил директорот на аеродромот, Красимир Пешев.

Речиси 200 патници биле евакуирани од авион на „Визер“ кој летал од Милано кон Букурешт, по дојава за поставена бомба. Авионот на летот WMT3064 безбедно слетал на меѓународниот аеродром „Хенри Коанда“ во Букурешт во 11:08 часот по локално време.

Поради дојава за бомба бил пренасочен и авион кој летал од Ирска кон Италија. Наместо на планираната дестинација, авионот слетал во воената воздухопловна база Еврe во Нормандија, на западот на Франција.

Кабинетот на францускиот премиер Себастијан Лекорну потврдил дека авионот безбедно слетал и дека сите 151 патник и шест членови на екипажот се на сигурно.

Воени тимови за деактивирање експлозивни направи го проверуваат авионот, а од кабинетот на премиерот соопштиле дека внимателно ја следат ситуацијата. Засега не се објавени дополнителни информации.

Податоците од страниците за следење на летови покажуваат дека авионот на „Аер Лингус“ на линијата Даблин – Рим се приближувал кон Париз кога ненадејно ја сменил планираната маршрута. Потоа направил неколку круга во воздухот, пред да се упати кон воената база Еврe.

И во текот на оваа недела повеќе авиони низ Европа добиле лажни дојави за бомби, поради што биле извршени безбедносни проверки и пренасочувања на летови. Во еден од случаите, авионот до слетувањето бил придружуван од италијански воени авиони.

Меѓу погодените авиокомпании биле полскиот „ЛОТ“, „Скандинав ерлајнс“, „Визер“ и „Рајанер“.

Иако дојавите за поставени бомби во авиони не се нова појава, најновите инциденти се случуваат во период на зголемени геополитички тензии и сè почести нарушувања на функционирањето на цивилната инфраструктура.

Во изминатите месеци беа регистрирани и напади врз системи за ладење во супермаркети, упади на дронови во европскиот воздушен простор, како и необјаснети активирања на апликации за тревожење.

Европските власти веќе предупредуваа на зголемена опасност од хибридни напади, кои може да вклучуваат саботажи, кибернетички напади и други форми на дестабилизација.

Би можело да ве интересира

Голема измама со мобилни телефони во Европа, штетата е 300 милиони евра

Катерина Ѓуровски

Европа се подготвува за конфликт со Русија: анализата на CNN открива дека коридорот Сувалки е најранливата точка на НАТО

(ВИДЕО) Путин има порака за Европа: Оставете не да живееме мирно, инаку ќе реагираме

(ВИДЕО) Историски високи цени на дизелот во Европа: најлошото допрва доаѓа

Откриени плановите на Пентагон: разгледува повлекување на 25 илјади американски војници од Европа

Шасивари: Европа е нашата иднина