Русија нема агресивни намери кон Европа и е подготвена да ги обнови односите и да соработува со своите европски соседи, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Говорејќи во петокот на состанокот на Воено-индустриската комисија, Путин обвини дел од европските лидери дека се подготвуваат за војна со Русија и оцени дека конфликтот во Украина и наводната руска закана ги користат за да ги оправдаат своите политики.
„Сакам уште еднаш да нагласам: Русија нема агресивни намери кон Европа или европските земји. За тоа едноставно нема никаква основа. Подготвени сме за соработка и обновување на односите со нашите европски соседи“, рече Путин.
Путин ги критикува воените вежби во Балтичко Море
Путин ги критикуваше европските земји поради одржувањето воени вежби во Балтичко Море, тврдејќи дека тие вклучуваат подготовки за запленување цивилни пловила.
„Постојано зборуваат за одбрана на меѓународното право и почитување на неговите норми, а сепак се подготвуваат за запленување цивилни пловила“, рече Путин.
Тој порача дека Москва ќе реагира доколку тоа биде потребно.
„Оставете нè да живееме во мир – во спротивно и ние ќе бидеме принудени да реагираме“, рече рускиот претседател.
Путин ги претстави приоритетите на новата руска државна програма за вооружување, наведувајќи дека акцентот ќе биде ставен на модернизацијата на вооружените сили и одбранбената индустрија поради, како што рече, промените во глобалните закани.
За апсолутен приоритет на програмата го посочи зајакнувањето на руската нуклеарна тријада, истакнувајќи дека таа го гарантира суверенитетот на земјата и придонесува за одржување на глобалната рамнотежа на силите.
Путин рече дека 92 отсто од руските Стратешки ракетни сили се опремени со современо оружје.
Меѓу клучните приоритети ги наведе и зајакнувањето на противвоздушната одбрана, пошироката употреба на беспилотни и роботски системи, развојот на прецизно оружје и завршувањето на руската орбитална сателитска констелација.
Според Путин, сателитската мрежа треба да ги подобри можностите за вселенско извидување, навигација, комуникации и широкопојасен интернет, а истовремено да овозможи командување и контрола над воените сили и оружјето во реално време.
