Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија изврши увид на лице место и издаде повеќе наредби за обезбедување докази со цел да се испитаат причините за смртта на двете пронајдени тела и опожареното возило кај Богданци.
– Издадена е наредба за обдукција на телата на починатите, а обезбедени се и снимки од видео надзор. Првичните индиции упатуваат на убиство и самоубиство, меѓутоа настанот ќе биде во целост испитан, велат од Јавното обвинителство.
Неофицијално, убиената е девојка која пред трагичниот настан го пријавила 21-годишникот за загрозување на безбедноста.
– Има пријава за загрозување на сигурноста од 16.10 по која веднаш започна да се постапува, а во меѓувреме во граѓанска постапка на лицето му биле определени мерки за заштита од семејно насилство, потврдија од ОЈО.
Претходно, полицијата објави дека во близина на Богданци се пронајдени две тела и опожарено возило. Објавено беше дека една од жртвите е 21-годишно момче од Богданци.
