Американскиот претседател Доналд Трамп отворено призна дека САД спроведуваат шпионски активности против Кина и Русија, додавајќи дека американските разузнавачки служби се поефикасни од кинеските и руските.
„Некој ми рече: Господине, Кина нè шпионира. Му одговорив: Да, па и ние ги шпионираме нив. Не грижете се за тоа“, рече Трамп на предизборен митинг на републиканците во Дубјук, во американската сојузна држава Ајова.
Trump:
Somebody said, "China is spying on us, sir."
I said, "We’re spying on them too. Don’t worry about it." https://t.co/EIw5vHnI0g
— Clash Report (@clashreport) November 1, 2026
„Потоа ми рекоа: Тоа е страшно, господине. Кина и Русија нè шпионираат. Им одговорив: Тоа е точно. И ние ги шпионираме нив, но тоа го правиме многу подобро. Затоа не грижете се“, додаде американскиот претседател.
Трамп за шпионирањето зборуваше додека ги опишуваше американските воени операции против Иран и тешкотиите со кои се соочува Вашингтон во обидите да најде ирански претставници со кои би можел да преговара.
Тој тврдеше дека иранската воена моќ е значително ослабена, наведувајќи дека земјата веќе нема морнарица, дека нејзините 159 бродови и 268 авиони се уништени или онеспособени.
„Нивните авиони се расфрлани по пистите низ Иран, во парчиња. Немаат радари, немаат противвоздушно оружје. Немаат лидери“, рече Трамп.
Потоа се пошегува на сметка на американските напади врз иранското раководство, алудирајќи дека можеби отишле предалеку во елиминирањето на неговите претставници.
„Мислам, имаа лидери. Тоа е мојот проблем. Можеби малку претеравме со нивните лидери. Немам со кого да разговарам. Се обидувам да најдам некого со кого би можел да разговарам. Никој не сака да биде претседател“, рече Трамп.
Трамп ги даде изјавите во неделата, 1 ноември, на предизборен митинг во Дубјук, два дена пред изборите за американскиот Конгрес.
Во Ајова тој ги поддржа републиканските кандидати и ги повика гласачите да излезат на изборите за партијата да ја задржи контролата врз Конгресот.
Во текот на говорот повеќепати се осврна на војната со Иран, тврдејќи дека американските сили уништиле голем дел од иранските воени капацитети. Повтори и дека Вашингтон се обидува да најде соговорници во преостанатото иранско раководство за продолжување на преговорите.
