Контејнерскиот брод „Контшип Џет“ (CONTSHIP JET), кој пловеше под либериско знаме, потонал околу полноќ источно од Варна, откако претходниот ден беше погоден од три морски дрона во Црното Море, објавија специјализирани поморски портали и областната управа во Бугарија.
Бродот на 28 октомври пловеше од Хаифа, Израел, кон пристаништето Констанца во Романија, кога беше нападнат во бугарската ексклузивна економска зона на Црното Море.
По ударите избувна пожар на бродот, а десната страна претрпе сериозни оштетувања, поради што пловилото почнало силно да се навалува. Нападот се случи во близина на Калијакра, на околу 21 наутичка милја југоисточно од Шабла.
Сите 18 членови на екипажот беа успешно евакуирани на спасувачки сплавови и спасени. Нема загинати или повредени.
Иако првично постоеја надежи дека бродот ќе може да биде стабилизиран, оштетувањата биле преголеми и тој потона во текот на ноќта .
Ова е петтиот брод што беше цел на напад во бугарската ексклузивна економска зона на Црното Море.
Капетанот Тодор Георгиев, сопственик на бродска агенција, вчера во изјава за БНР категорично тврдеше дека дроновите биле руски. Тој го оцени нападот како „исмејување на црноморските соседи“.
