(ВИДЕО) Протести на турските новинари против властите

Од:

Во сенка на масовните протести во Шпанија, Франција и Италија, во Истанбул и Анкара се одржаа демонстрации на новинари и граѓани кои ја поддржуваат слободата на јавното информирање, која во последно време се најде пред сериозен предизвик.

– Не можеме повеќе да дишеме, но нема да нè замолчите, извикуваа собраните новинари. Протестите ги организираа Синдикатот на новинарите на Турција (ТГС), Здружението на новинарите на Турција (ТГЕ) и Советот за печат, по приведувањето на неколку новинари и воведувањето принудна управа во одредени редакции.

Според организаторите, овие медиуми се нашле на удар само затоа што објавувале веродостојни факти што не ѝ се допаѓаат на владата. Тоа довело и до затворање на некои медиуми кои не се согласувале со властите.

„Ние, членовите на професионалните новинарски организации кои ги застапуваат правата на новинарите во потрагата по вистината, порачуваме дека нема да се повлечеме“, истакнаа организаторите на протестите, кои добија поддршка и од голем број граѓани.

Тие нагласија дека нема да молчат во систем во кој, како што тврдат, вистинитото новинарство е кривично дело, објективните вести се сметаат за закана, а вистината е нешто неприфатливо. Во Турција е на сцена цензура, посочуваат новинарските здруженија.

Организаторите на протестите во Истанбул и Анкара ги повикаа политичките партии, синдикатите, адвокатските комори, организациите што се борат за човековите права и слободи, како и граѓаните, да им се приклучат во протестите и да го свртат вниманието на домашната и меѓународната јавност кон проблемите со кои се соочуваат.

„Слободата на медиумите е право на целото општество“, порачаа тие на протестните собири.

Непосреден повод за протестите беше воведувањето принудна управа во истанбулската телевизиска станица „Халк“, која често ги критикуваше владата и претседателот Реџеп Таип Ердоган поради, како што наведуваше, прогонот на медиумите што не се согласуваат со властите и на опозициските политичари. По тоа беше воведена принудна управа, а 11 новинари завршија зад решетки.

Во последно време неколку медиумски куќи се најдоа на удар затоа што не им аплаудирале на властите, тврдат во Синдикатот на новинарите на Турција.

Во истанбулската населба Кадикој, на азиската страна на градот, се собраа неколку илјади новинари и граѓани кои ги поддржуваат.

„Нема да клекнеме, нема да молчиме. Доста е. Никогаш нема да се предадеме“, извикуваа новинарите, носејќи фотографии од колегите кои завршиле во притвор поради напишаните зборови.

Протестите ги обединија новинарите и граѓаните во одбрана на правото на информирање. Меѓународната организација „Репортери без граници“ изрази солидарност со турските новинари и медиумските куќи.

Во последно време неколку медиумски куќи беа затворени, откако се најдоа на удар поради критиките кон Ердоган, кого го обвинуваат дека не избира средства за да остане на власт и по претседателските и парламентарните избори што треба да се одржат во средината на 2028 година.

Според меѓународната организација „Репортери без граници“, Турција во 2026 година се најде на 163. место меѓу 180 земји во светот според слободата на медиумите. Тоа е пад во однос на претходната година, кога земјата беше на 159. место. По најновиот прогон на новинарите, Турција сигурно ќе падне уште пониско на оваа листа.

На овие проблеми укажа и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, за време на неодамнешната посета на Едрене, град во западниот, европски дел на Турција.

„Со задушувањето на опозицијата и притисоците врз медиумите и ЛГБТ-заедницата, турската влада уште повеќе го продлабочи јазот меѓу Брисел и Анкара, која сè повеќе се оддалечува од демократските вредности што важат во Европа“, истакна таа.

По неуспешниот обид за државен удар во средината на 2016 година и масовните чистки што следуваа, Турција уште повеќе се оддалечи од Европската Унија, посочи еврокомесарката за проширување. Таа најави дека наскоро ќе го објави годишниот извештај за односите меѓу Анкара и Брисел.

Пристапните преговори меѓу Брисел и Анкара, кои започнаа пред две децении, во последните години се замрзнати, а неизвесно е кога ќе продолжат. Дополнителна пречка е тоа што двете страни не можат да најдат заеднички јазик за решавање на кипарското прашање, кое настана по турската воена интервенција во 1974 година. Тогаш островот беше насилно поделен, откако Турците на северот прогласија своја држава.

Обединетите нации со децении се обидуваат да го обединат островот, но турската страна во последно време не сака ни да слушне за преговори. За неа повеќе нема дилема: на Кипар постојат две независни држави – турска и грчка, што е во спротивност со резолуциите на Обединетите нации.

Би можело да ве интересира

Владата ќе формира Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите

Нови детали од скандалот во Турција: Сопругата на Мустафа Сандал и нејзиниот татко сакаат да ги вратат спорните 54 милиони евра

Жените во Полска повторно се уличен протест, го обвинуваат Туск дека не го исполнил ветувањето за либерализација на абортусот

Поплави во Турција: Четири лица загинаа, три се водат како исчезнати

Во Турција уапсени 348 осомничени во акции против криминални организации

(ВИДЕО) Трагедија во Турција: најмалку 11 жртви и 27 повредени во сообраќајна несреќа

Катерина Ѓуровски