Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ги отфрли тврдењата на „Фајненшел тајмс“ (FT) дека тој планирал напад врз Иран претходно овој месец, но бил спречен од американскиот претседател Доналд Трамп, кој сакал да избегне нов конфликт пред американските избори во ноември.
„Тој извештај е неточен“, изјави Нетанјаху, додавајќи дека нема да открива детали за неговите неодамнешни разговори со Трамп, пренесува телевизијата „Канал 7“.
Повикувајќи се на неименувани извори, „Фајненшел тајмс“ вчера објави дека Нетанјаху планирал да изврши напади врз Иран на почетокот на октомври, но дека Трамп се спротивставил на тој потег.
Според изворите, израелската војска била подготвена да изврши удари врз иранските нуклеарни постројки, локации поврзани со иранските власти и цивилна инфраструктура – вклучително и енергетски објекти – за време на викендот на 10 октомври.
Планираните напади, наведува изворот, би биле поинтензивни од ударите што САД и Израел ги извршија во февруари.
Еден од изворите посочи дека не може да се исклучи можноста за нов конфликт во наредните недели. Според весникот, Израел подготвил нов список на цели, кој вклучува објекти на цивилната инфраструктура што претходно не биле цел на напади.
Нетанјаху синоќа изјави дека Иран се обидува да го унапреди развојот на сопствено нуклеарно оружје и дека Техеран „сè уште не ја научил лекцијата“.
Според него, постои само еден начин да се елиминира заканата од нуклеарно оружје – а тоа е соборување на режимот во Иран.
„Ова е исто така моја директива до војската, Мосад и безбедносните служби“, рече тој.
