Седум танкери запалени или оштетени во Ормускиот теснец, расте стравот од нова ескалација

Од:

Седум нафтени танкери се запалија или претрпеа оштетувања во Ормутскиот теснец, откако беа погодени во ирански напади или наидоа на поморски мини, соопшти Техеран.

Според агенцијата АП, станува збор за невообичаено голем број пловни објекти, а инцидентите дополнително ги поттикнуваат стравувањата дека конфликтот повторно би можел да ескалира во отворена војна.

Постои загриженост дека американско-израелските напади врз Иран би можеле да продолжат – особено пред изборите во Израел, на кои премиерот Бенјамин Нетанјаху би можел да ја изгуби власта, како и пред американските избори на средината на мандатот во ноември.

Иранската државна телевизија извести за најновите напади врз пловните објекти, повикувајќи се на морнарицата на Корпусот на чуварите на исламската револуција.

Иранската војска повторно се закани дека ќе изврши напади врз американските воени бази во регионот, доколку Вашингтон продолжи да помага во спроведувањето на трговските бродови низ теснецот.

Во извештајот не се наведуваат информации за евентуални жртви.

Британската служба за следење на поморската трговија, „UK Maritime Trade Operations“, не извести за овие напади; сепак, агенциите за следење во последните денови укажаа дека некои бродски оператори се воздржуваат од пријавување на вакви инциденти.

Иран продолжува да тврди дека го контролира Ормутскиот теснец, што претставува еден од клучните адути на Техеран во преговорите со Соединетите Држави за ставање крај на војната. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, во средата изјави дека Техеран останува отворен за дипломатија, но е подготвен и да се брани.

Во последните денови, Техеран навести дека би можел да ја прошири листата на потенцијални цели, вклучувајќи инфраструктура како што се подводни кабли и центри за обработка на податоци.

Во меѓувреме, Соединетите Држави распоредуваат дополнителни воени сили во регионот. Ова вклучува трет носач на авиони и илјадници војници, кои ќе се приклучат на најголемиот американски поморски и воздухопловен контингент виден на Блискиот Исток во последните децении.

Во исто време, посредниците се обидуваат да ги вратат Вашингтон и Техеран на преговарачка маса.

Иран продолжува да го промовира својот најнов предлог, според кој војната би завршила, а Ормутскиот теснец би се отворил целосно во рок од седум дена, под услов САД да исполнат неколку услови.

Овие услови вклучуваат укинување на американската блокада на иранските пристаништа. Ваквите барања потсетуваат на условите од договорот што пропадна само неколку дена откако беше потпишан од страна на Вашингтон и Техеран во јуни.

Американскиот претседател Доналд Трамп го одби овој најнов ирански предлог, иако двете страни потврдија дека индиректните разговори продолжуваат.

Откако Трамп ја одби понудата, зачестија нападите врз пловилата што минуваат низ Ормутскиот теснец.

Враќањето кон војна од целосен обем повторно би ги загрозило цивилите низ регионот и дополнително би го нарушило глобалното снабдување со нафта, природен гас и други стоки, вклучително и вештачки ѓубрива. Ваквиот развој на настаните најверојатно би предизвикал нов пораст на цените на глобалниот пазар.

Би можело да ве интересира

Нетанјаху: Трамп не ме спречи да го нападнам Иран

ВИДЕО: „Нешто ќе се случи си Иран, прилично брзо“

Нетанјаху: Ако Иран се меша во израелските избори, ќе се соочи со сила каква што досега нема видено

Аракчи: Ако Америка е искрена, мора да се придржува до нашите услови

Пезешкијан: Заканите и санкциите мора да се укинат за да се отвори пат за дијалог

Калибаф: САД мора да бидат казнени и да ги прифатат легитимните барања на иранскиот народ