СДСМ бара премиерот Христијан Мицкоски да објасни какви биле неговите контакти со Ричард Гренел, откако во САД започна истрага за сомнежи за проневера на милиони долари од донација за Центарот „Кенеди“ и за продавање пристап до претседателот Доналд Трамп.
На денешната прес-конференција, Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ, рече дека случајот отвора прашања за поврзаноста на македонската влада со Гренел и за можните политички и бизнис-интереси зад контактите во Вашингтон. Според него, во оваа мрежа се испреплетуваат влијанијата на српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан, лобистички куќи и компании поврзани со нивните кругови.
„Стратешкиот мост до администрацијата на САД, примерниот канал за директна комуникација со Белата куќа, клучниот економски играч во економската агенда на македонската влада во своите приоритети кон Вашингтон, од вчера е под истрага за проневерени милиони долари од донација за Центарот ‘Кенеди’ и за продавање пристап до претседателот Трамп“, рече Жерновски.
Тој потсети на повеќекратните средби на Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со Гренел во Вашингтон, Скопје и на Минхенската безбедносна конференција.
„Погледнете ја низата средби коишто се индикативни и коишто веќе зборуваат за тоа каква е поврзаноста на Муцунски и на Мицкоски со овој човек. Истиот Гренел, сакаме да ѝ објасниме на македонската јавност, со години работи за Вучиќ“, изјави Жерновски.
Тој ја посочи американската лобистичка куќа Валкур, за која рече дека работи на промоција на Вучиќ во политичките и медиумските кругови во Вашингтон. Според Жерновски, извештаите доставени до американското Министерство за правда покажуваат дека претставници на Валкур контактирале со Гренел во периодот од септември 2025 до март 2026 година.
Жерновски рече дека Валкур, покрај претставувањето на Србија, се поврзува и со компании што имаат влијание во регионот, меѓу кои „Телеком Србија“ и унгарската компанија 4iG.
„Телеком Србија е присутна на македонскиот медиумски простор преку канали поврзани со кругот на Вучиќ. А 4iG е компанијата што треба да пружи услуга на поддршка на медиумите на Орбан и на Вучиќ во Македонија. Значи, целиот круг веќе се затвора многу прецизно. Српската влада го плаќа Валкур за контакти со Гренел и за промоција на Вучиќ. Мицкоски се среќава со Гренел. Гренел се среќава со лобистите на Вучиќ. Во кругот на клиентите на истата куќа стојат и Телеком и 4iG, компании поврзани со најблискиот круг на Орбан. Сето тоа што го кажавме не се одвоени приказни. Ова е една иста организирана шема, иста приказна. Ист канал“, рече Жерновски.
Според него, овие поврзаности отвораат прашања за тоа чии интереси ги застапувала македонската влада во Вашингтон и дали контактите со Гренел биле во интерес на државата и граѓаните.
„Вучиќ го плаќа Валкур, Валкур контактира со Гренел, а Гренел зборува за Мицкоски. Значи, за некого провизија, а за граѓаните, се разбира, на крајот на денот, дебела сметка. Тоа значи дека Мицкоски во Вашингтон воопшто не водел самостојна политика, туку водел политика којашто е формирана, организирана и одобрена директно од Вучиќ и од Орбан. И тоа е нешто што станува кристално јасно“, изјави Жерновски.
Тој додаде дека, според СДСМ, таканаречениот Вашингтонски периметар за кој зборувал Мицкоски не бил насочен кон интересите на Македонија и нејзините граѓани.
„За наша среќа, на сите нас, од тој фамозен Вашингтонски периметар денес не остана ниту милиметар“, рече Жерновски.
СДСМ бара од премиерот да одговори дали при средбите со Гренел ги штител интересите на државата или интересите на поединци.
„Ти, како премиер на нашата држава, кога се среќаваше со Гренел, водеше сметка за државата и за нашите граѓани или водеше сметка за трговец со оружје?“, праша Жерновски.
Од СДСМ бараат и обвинителството веднаш да отвори истрага за контактите и договорите на Мицкоски со Гренел, за да се испитаат сите околности и да се утврди дали имало злоупотреби.
