Русија планира во 2027 година да издвои 17,1 трилиони рубљи, односно околу 202,6 милијарди долари, за одбрана. Според владини документи до кои дошол „Ројтерс“, станува збор за највисок износ од почетокот на војната во Украина и за околу 27 отсто повеќе од првично планираните 13,5 трилиони рубљи.
Документите покажуваат дека Кремљ не планира намалување на воените трошоци, туку нивно дополнително зголемување, и покрај растечкиот буџетски дефицит и намалувањето на приходите од нафта и гас.
За периодот од 2027 до 2029 година, вкупните издвојувања за одбрана се планира да достигнат околу 50 трилиони рубљи.
За 2026 година првично беа планирани 12,1 трилиони рубљи за одбрана, но реалната воена потрошувачка не е објавена како јавен податок. Во документите се наведува и дека дел од воените расходи може да се водат во други буџетски ставки.
Во меѓувреме, руската влада ја удвои проценката за буџетскиот дефицит во 2026 година – од 1,6 на 3,2 отсто од бруто домашниот производ.
Вкупните буџетски расходи во 2026 година се очекува да пораснат за 13,2 отсто, на 48,6 трилиони рубљи, што претставува 20,9 отсто од БДП.
Руската влада треба до 1 октомври да го достави предлог-буџетот до парламентот. За финансирање на зголемениот дефицит, минатата недела најави и нови даночни мерки за 2027 година.
Според документите, новиот данок на екстрапрофитот на металуршките и рударските компании би требало да носи околу 200 милијарди рубљи годишно.
Планот за нето задолжување во 2026 година ќе биде зголемен за 26 отсто, на пет трилиони рубљи. За покривање на дефицитот ќе бидат искористени и 459 милијарди рубљи од Националниот фонд за благосостојба, што претставува околу 11 отсто од неговиот ликвиден дел.
Во исто време, проценката за приходите од нафта и гас во 2026 година е намалена од 8,9 на 7,6 трилиони рубљи.
Според проекциите, рускиот државен долг во 2027 година ќе достигне 21,7 отсто од БДП, во споредба со 19,9 отсто во 2026 година. Вкупното задолжување во 2027 година се очекува да порасне за 43 отсто, на 7,7 трилиони рубљи.
