Демократската унија за интеграција бара институционална одговорност за Биљал Касами, кој при одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Република Северна Македонија во Тетово избра да го постави знамето на Вергина, додека албанското национално знаме беше изоставено. Ова не е прашање на протокол, туку јасен показател за односот на власта кон албанскиот национален симбол – наведуваат денеска од ДУИ во соопштение.
– ВЛЕН во својата изборна програма вети дека албанското знаме, химна и национален грб ќе се користат рамноправно со македонските симболи. Но, штом станаа дел од Владата без легитимитет од албанските гласови, ветувањата беа заборавени. Најпрво, Максим Димитриевски ја забрани употребата на албанското национално знаме во нивната канцеларија; потоа видовме министри кои го избегнуваа на официјалните слики, додека за време на локалната изборна кампања албанското знаме недостасуваше токму таму каде што требаше да биде највидливо. Сега, на државен празник, кога неговата употреба е предвидена со закон, албанското знаме повторно е изоставено.
Врвот на ова лицемерие е што, додека албанското национално знаме се изоставува, во центарот на Тетово се поставува знамето на Вергина, симбол кој не е официјален државен симбол и е во спротивност со Преспанскиот договор. Значи, за оние кои ветуваа рамноправност на националните симболи, албанското знаме нема место, додека еден неинституционализиран симбол има место на државна церемонија. Ова зборува повеќе од која било изјава за нивната денешна политика.
ДУИ бара надлежните органи да ја проверат законската основа на овој чин и одговорноста на лицата кои наредиле, одобриле или го реализирале поставувањето на знамето на Вергина, како и да објаснат зошто е изоставено албанското знаме. Законите не можат да се применуваат селективно, а ветувањата за рамноправност не можат да се користат само за добивање на гласовите на Албанците.
Касами може да прави политички компромиси за да ја задржи функцијата уште еден ден, но не може да го продава достоинството и националниот симбол на Албанците. 35-годишнината од независноста треба да биде ден на почитување на државата, законот и рамноправноста, а не ден на понижување и негирање на албанскиот симбол, велат од партијата.
