Германските истражители идентификувале двајца осомничени за нападот со дрон во Лајпциг: Трагите водат кон Русија

Од:

Германските истражители идентификувале двајца мажи кои се сомничат дека биле вклучени во подготовката на нападот со дрон врз карго авиони на аеродромот во Лајпциг.

Станува збор за маж роден во Русија, кој поседува летонски пасош, и Белорус со руски пасош. Двајцата и претходно им биле познати на полицијата.

Според германските медиуми, истрагата покажала дека осомничените биле поврзани со операцијата за која германските власти сметаат дека била дел од руското хибридно дејствување во Европа.

Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт изјави дека нападот бил професионално планиран, со високо ниво на техничка стручност и значителен организациски напор.

„Нападот со дрон од почетокот на август покажува веќе познат образец на руско хибридно дејствување во Европа“, изјави Добринт.

Тој додаде дека досегашните сознанија упатуваат на лица кои дејствувале во име на руски државни структури, опишувајќи ги како агенти од пониско ниво.

Германската влада заклучила дека Русија е одговорна за нападот од 4 август. Добринт, сепак, не ги именувал можните сторители, ниту објаснил на кои конкретни докази се темели проценката за поврзаност со руските разузнавачки служби.

Според истрагата, мажот роден во Русија, кој има летонски пасош, кон крајот на јули влегол во Германија преку аеродромот во Берлин.

Потоа со изнајмен автомобил заминал кон Лајпциг. Само два дена пред неуспешниот напад повторно ја напуштил Германија, овојпат со авион од Берлин.

Вториот осомничен бил идентификуван преку ДНК-траги пронајдени на местото на настанот. Генетски материјал бил откриен на еден од дроновите, од внатрешната страна на метална конзерва наполнета со експлозив, како и на антена поставена во близина на аеродромот.

Антената била прицврстена за дрво и, според истражителите, служела за засилување на сигналот за дроновите со кои било управувано преку мобилен телефон.

Според германските медиуми, споредбата на ДНК-трагите со европските бази на податоци покажала совпаѓања во Литванија и Финска. Така истражителите стигнале до Белорусот, кој и претходно бил евидентиран во повеќе земји поради други кривични дела.

Тој, според истрагата, влегол во Германија со италијанска туристичка виза. Визата му била издадена кон крајот на април во италијанската амбасада во Минск.

Експертите на германската Сојузна криминалистичка полиција (BKA) сметаат дека во операцијата можеби биле употребени повеќе дронови отколку што првично се претпоставувало.

Досега биле пронајдени три уреди, цели или во делови.

Сепак, германските истражители не очекуваат лесно да ги изведат осомничените пред суд. Во слични случаи од минатото, осомничените агенти успевале да ја напуштат Европа и повеќе да не се враќаат.

Како пример се наведува хакерскиот напад врз германскиот Бундестаг во 2015 година, за кој германските власти ги поврзаа руските разузнавачки структури, но не успеаја да ги приведат осомничените.

Русија ги отфрла обвиненијата.

Руската амбасада во Берлин го опиша случајот како „набрзина скроена провокација“ и предупреди на нов бран, како што го нарече, антируска хистерија во Германија.

Москва и во претходни случаи негираше вмешаност во напади и саботажи во Европа.

Еден од познатите случаи е убиството на Грузиец во берлинскиот парк Клајнер Тиргартен во 2019 година. Руски државјанин беше уапсен и подоцна осуден на доживотен затвор, а во 2024 година беше ослободен во рамките на размена на затвореници и вратен во Русија.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Го прашаа Путин дали Русија ќе гаѓа цели во Британија

Трамп предлага Ормутскиот Теснец да се преименува во „Трампов Теснец“

Шпанските разузнавачи тврдат: Мароко го организирал масовниот упад во Сеута

Руски канали: Завршено опкружувањето на Орихив, падот на градот е „прашање на денови“

Москва негира вмешаност во инцидентот во Лајпциг, Путин ја обвини Германија за подметнување докази

Медведев: „Измислена саботажа“ е обвинението против Русија за нападот на аеродромот во Лајпциг

Горан Наумовски