Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, денеска ги отфрли обвинувањата дека Москва стои зад инцидентот на германскиот аеродром Лајпциг/Хале, оценувајќи дека станува збор за „измислена саботажа“.
Медведев на својот канал на „Телеграм“ напиша дека нема докази за руска вмешаност во инцидентот, додавајќи дека Германија, поради, како што ги нарече, лажните обвинувања, „заслужува удар“ врз објектите за производство на воена опрема наменета за Украина, објави РИА Новости.
„Берлин изнесе обвинувања за недокажан напад врз аеродромот во Лајпциг. Имајќи ја предвид неонацистичката и крајно русофобична политика на сегашното раководство на Германија, измислената саботажа е најблагата форма на казна за нивните гревови. Заслужуваат директен удар врз сите германски објекти за производство на воена опрема за бандеровската клика. А сосема е можно и врз неколку други локации во Берлин“, напиша Медведев.
Во текот на август, на аеродромот Лајпциг/Хале, во источна Германија, бил откриен дрон со експлозивна направа во близина на украински товарни авиони. Потоа било објавено дека друг дрон се судрил со авион.
Десет дена подоцна, уште еден дрон бил пронајден во местото Каблскетал, во областа Зале, а и во тој случај истражителите откриле експлозив.
