Не е битно дали министерот за внатрешни работи е задоволен или не е задоволен од било која одлука на Јавното обвинителство, битно е дали граѓаните на крајот ќе видат правда во оваа Сизифовска битка за да ја видиме правдата на крајот на денот, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, прашан за коментар по одлуката на Вишото ЈО да продолжи постапувањето по предметот „Мазут“.
Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Средното полициско училиште „7 Мај“, Тошковски изрази надеж дека ЈО „ќе собере храброст и професионално ќе се посвети на сите детали коишто се поврзани не само со овој предмет, со сите други предмети“.
-Сѐ со цел на крајот на денот да ја видиме светлата точка во тунелот, а тоа е да ја видиме правдата којашто сите ја посакуваме – изјави Тошковски, кој денеска ги поздрави учениците примени во Средното полициско училиште „7 Мај“ по повод почетокот на нивното образование.
Тошковски, посочи дека, од информациите споделени со него, а се поврзани со предметниот случај, „ќе ја фрапираат јавноста кога ќе бидат споделени“.
-Јас кажав и претходно дека согласно она коешто е со мене споделено како информација од страна на оние кои работеле интензивно на тој предмет – истражители кои се дел од Министерството за внатрешни работи, но упатени со работа во рамки на Јавното обвинителство за организиран криминал, а и дел од нив упатени на работа во рамки на Министерството за внатрешни работи во одделот за Организиран криминал – информациите коишто беа споделени со мене, а се поврзани со предметниот случај, навистина сигурен сум дека ќе ја фрапираат јавноста кога ќе бидат споделени со јавноста. Еве толку ќе кажам и ќе ве оставам истрагата да си го каже своето во јавност понатаму – изјави Тошковски.
Вишото јавно обвинителство Скопје вчера ја укина наредбата за запирање на истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ и го задолжи Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да ја продолжи постапката.
Како што соопштија од Јавното обвинителство, надлежен јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство го уважил приговорот на АД ЕСМ против наредбата за запирање на истрагата.
Вишото јавно обвинителство го задолжило ОЈО ГОКК да прибере и анализира дополнителни податоци од повеќе институции, како и да нареди нови вештачења за целосно утврдување на сите околности во предметот и на евентуална кривична одговорност.
ОЈО ГОКК во мај годинава донесе одлука да ја затвбори истрагата за снабдувањето со мазут за ТЕЦ „Неготино“. Од Обвинителството, на брифинг со медиумите, образложија дека по спроведената едногодишна истрага, не се потврдиле наводите од кривичната пријава, поради што не било утврдено постоење кривично дело што се гони по службена должност.
Истрагата опфати вкупно 13 лица, меѓу кои и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство, како и повеќе поранешни функционери и службени лица од енергетскиот сектор. Меѓу главните осомничени во предметот вреден 167 милиони евра се и бизнисмените Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко петрол“, и Ратко Капушевски, сопственик на РКМ.
