Се самоуби рускиот државјанин осомничен за тројно убиство во Црна Гора

Од:

Рускиот државјанин Михаил Шабунин (30), осомничен дека вчера на стрелиштето „Чешка збројовка“ кај Страхињиќи, во близина на Даниловград, уби тројца вработени, е пронајден во текот на ноќта во шума над Херцег Нови, каде што, според црногорската полиција, се самоуби откако отвори оган кон полицајците.

Шабунин е лоциран околу 3:35 часот во шума над населбата Топла од припадници на Специјалната и Посебната единица на полицијата, Регионалниот центар за безбедност „Југ“ и граничната полиција. Во потрагата беше ангажиран и хеликоптер на Војската на Црна Гора.

Од црногорската полиција соопштија дека осомничениот, откако бил опколен и се нашол во безизлезна ситуација, пукал кон полициските службеници, а потоа извршил самоубиство со огнено оружје.

Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Данило Шарановиќ, објави дека со тоа е ставена под контрола кризата во Херцег Нови.

Истрагата продолжува во соработка со Вишото државно обвинителство во Подгорица, а надлежните утврдуваат што го предизвикало нападот и кој бил мотивот за тројното убиство.

Шабунин е осомничен дека вчера околу 16:45 часот во стрелиштето „Чешка збројовка“ со огнено оружје ги убил Петар Глобаревиќ (24) од Подгорица, Момир Радоњиќ (67) од Даниловград и Немања Капор (20) од Подгорица.

Сите тројца беа вработени во стрелиштето. Нивните тела ги пронајде сопственикот на објектот, кој веднаш ја извести полицијата.

Според првичните информации, жртвите во моментот на нападот биле ненаоружани и немале можност да се одбранат.

Директорот на полицијата Лазар Шќепановиќ изјави дека Шабунин пред нападот вежбал пукање на стрелиштето, по што влегол во објектот и отворил оган кон вработените. Според досегашните информации, осомничениот претходно повеќепати го посетувал стрелиштето, а во Црна Гора престојувал и во минатото.

Истрагата треба да утврди дали оружјето со кое бил извршен нападот било изнајмено од самото стрелиште.

По нападот, Шабунин, според сомнежите на полицијата, украл автомобил „сеат кордоба“, сопственост на таткото на еден од убиените. Со возилото се упатил кон Подгорица, каде што го оставил автомобилот на ливада во областа Врањски Њиви. Потоа, според досегашните сознанија, продолжил со такси кон Херцег Нови.

Црногорската полиција во текот на вечерта го стесни подрачјето во кое се движеше осомничениот и во потрагата беа ангажирани големи полициски сили, вклучително и припадници на специјалните единици.

На граѓаните во Херцег Нови им беше препорачано да останат во своите домови и веднаш да ја известат полицијата доколку забележат нешто сомнително, бидејќи осомничениот се сметаше за вооружен и опасен.

По настанот бил засилен и надзорот на граничните премини и аеродромите.

Црногорската Влада прогласи 1 и 2 септември за денови на жалост поради трагедијата, а почетокот на учебната година во Даниловград е одложен за 3 септември.

Истрагата продолжува, а полицијата и обвинителството работат на целосно расветлување на случајот и утврдување на мотивот за нападот.

Би можело да ве интересира

Во Црна Гора 1 и 2 септември прогласени за денови на жалост, премиерот Спајиќ очекува убиецот да биде фатен

А1он

Полицијата трага по 30 годишен Русин – осомничен за тројно убиство во Даниловград

А1он

Три безживотни тела најдени на стрелиште во град во Црна Гора

А1он

Водачот на Кавачкиот клан е во бегство, Црна Гора нуди половина милион евра за него

Горан Наумовски

Драма во близина на Херцег Нови: Пожар ги зафати ридовите, 50 куќи се загрозени, жителите се подготвуваат за евакуација

Сите патници во комбето што излета од патот Котор-Никшиќ се српски државјани: Загина 21-годишна девојка