Три лица загинаа, а седум се повредени во пукање што рано утринава се случи на рејв забава во швајцарскиот град Арау. Пукањето се случи околу 3 часот наутро на хиподромот во областа Шахен, каде што се одржуваше забавата „Aarau Rave VOL. 7“.
На местото веднаш пристигнаа голем број полициски екипи, возила на итната помош и пожарникари. Во интервенцијата е вклучен и хеликоптер. Полицијата ги повика граѓаните да го избегнуваат подрачјето.
Во моментот на пукањето, присутните најпрво мислеа дека станува збор за огномет, бидејќи видоа искри на таванот. Ситуацијата стана јасна откако некој извика „Сите долу!“, по што дел од луѓето се засолнија и се забарикадираа зад диџејскиот пулт.
JUST IN: Shots heard at event in Aarau, Switzerland. Police confirm there are multiple victims. (Video: Blick) pic.twitter.com/nZMKcGtMGD
— Open Source Intel (@Osint613) August 30, 2026
Пукањето предизвика паника меѓу присутните. Една жена за швајцарскиот весник „Блик“ раскажа дека нејзината пријателка била на забавата со група луѓе и околу 4 часот наутро ѝ се јавила за да ѝ каже дека дошло до пукање.
Во нападот учествуваа четворица напаѓачи. Полицијата сè уште не го соопшти нивниот идентитет, а мотивот за нападот не е познат.
Кантоналната полиција на Аргау соопшти дека истрагата е во тек и најави дополнителни информации откако ќе бидат утврдени и проверени сите факти.
