Најавата дека Ратко Младиќ ножно е да биде погребан во Србија со највисоки државни и воени почести предизвика остри реакции во Босна и Херцеговина и во регионот. Институтот за истражување на злосторства против човештвото и меѓународното право при Универзитетот во Сараево побара од Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали итно да ги разгледа сите можности во врска со трансферот на неговите посмртни останки и најавениот државен и воен церемонијал.
Од Институтот не го оспоруваат правото на семејството да го погреба Младиќ. Проблемот, како што наведуваат, е во одлуката на државата да му оддаде највисоки почести на човек кој е правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства. Според нив, таквата церемонија би можела да претставува институционално величање и да придонесе за хероизација на Младиќ и релативизирање на злосторствата утврдени со судски пресуди.
Но, тука се поставува клучното прашање: може ли некој да ја спречи Србија да организира таков погреб?
Меѓународниот резидуален механизам има надлежности поврзани со постапките на Хашкиот трибунал и со прашањата што произлегуваат од неговите пресуди, но тоа не значи дека има општа власт над суверена држава и може да ѝ нареди на Србија како да организира погреб на своја територија. Србија, како држава, може да носи одлуки за државниот протокол и начинот на кој ќе биде организирана погребната церемонија. Токму затоа Институтот од Сараево бара од Механизмот да ги разгледа сите правни и институционални можности и евентуално да побара гаранции пред посмртните останки да бидат пренесени во Србија.
И самите српски власти веќе најавија дека Младиќ ќе биде погребан со највисоки државни почести. Српскиот министер за правда изјави дека ќе му бидат оддадени „почестите што му припаѓаат“, додека претседателот Александар Вучиќ остро го критикуваше Хаг поради постапувањето кон Младиќ пред неговата смрт, но и го исправи министерот дека таква одлука засега не е донесена и се ќе зависи од барањата на семејството.
