Иран повторно ја предупреди Бугарија да не дозволи користење на нејзината територија за американски или израелски воени операции против Техеран, предупредувајќи дека го задржува правото да го нападне местото од кое би потекнувал евентуален напад.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека Иран „нема никаков проблем со бугарскиот народ“, но дека секое дејствување кое според меѓународното право претставува поддршка на американско-израелската воена агресија врз Иран, истовремено значи и учество во агресијата.
Iran's FM Spox. Esmail Baghaei:
We have been chess players for a long time; in recent years, we’ve also become poker players, and for some time now, we’ve been playing a combination of the two. pic.twitter.com/cessd7je0C
— Clash Report (@clashreport) August 24, 2026
„Иран има право да го нападне изворот, односно местото од кое потекнува секој чин на агресија против него“, рече Багаеи.
Според иранскиот претставник, претходно било објавено, а подоцна било потврдено и со извештаи, дека неколку американски авиони-цистерни за полнење гориво во воздух ја напуштиле бугарската територија.
Багаеи тврди дека дел од бугарските граѓани и политичари веќе изразиле став дека дозволувањето на овие авиони да престојуваат во бугарска база е спротивно на меѓународното право и претставува поддршка за воените операции на САД и Израел против Иран.
Иран и претходно ја предупреди Бугарија, членка на НАТО и ЕУ, да не дозволи американските сили да ги користат нејзините воздухопловни бази за воени операции.
Минатиот месец бугарскиот парламентарен одбор за одбрана одобри владин предлог со кој се овозможува привремено распоредување американски авиони-цистерни и американски воен персонал во воздухопловната база Безмер. Одлуката предизвика остри реакции од Техеран.
Багаеи тогаш предупреди дека секое учество во планирањето или спроведувањето на такви операции би претставувало соучесништво во „злосторство на агресија и воени злосторства“ и го повика бугарскиот парламент да го одбие распоредувањето на американските сили.
Во денешната изјава Багаеи порача дека Иран „веќе долго време игра шах“, но дека во последните години „научил да игра и покер“, алудирајќи на промените во воената стратегија на Техеран.
Предупредувањето до Бугарија доаѓа во услови на зголемени тензии меѓу Иран, од една страна, и САД и Израел, од друга страна, при што Техеран се заканува дека секоја земја што ќе овозможи воени операции против Иран може да стане цел.
