Во рамки на меѓународната соработка помеѓу обвинителствата и надлежните служби за борба против недозволена трговија со дрога на Република Северна Македонија, Косово и Грција, денеска беше реализирана координирана акција во Солун, при што е сузбиена меѓународна организирана криминална група.
Во акцијата, како што информира Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), од слобода се лишени еден македонски и еден косовски државјанин.
-При контрола на товарно моторно возило, во приколка биле пронајдени и запленети 324 килограми наркотична дрога марихуана, скриени во осум палети со хартија. Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во попладневните часови Одделот за криминалистичка полиција изврши претреси на повеќе локации на територијата на државата, со цел откривање на евентуално инволвирани други лица, како и обезбедување на дополнителни докази и предмети поврзани со кривичното дело, наведува ОЈО ГОКК.
Според Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, акцијата е резултат на континуирана и координирана меѓународна соработка во борбата против организираниот криминал и недозволената трговија со наркотични дроги.
За акцијата информираше и МВР.
„Во тек е меѓународна координирана акција против организирана криминална група, која Министерството за внатрешни работи, преку Одделот за криминалистичка полиција, ја реализира во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а во рамките на меѓународната соработка со надлежните служби за борба против недозволена трговија со дрога од Косово и Грција.
Како резултат на повеќемесечната координирана истрага, денеска во Солун се лишени од слобода еден македонски и еден косовски државјанин. При контрола на товарно моторно возило, во приколка биле пронајдени и запленети 324 килограми наркотична дрога марихуана, скриени во осум палети со хартија.
Во рамки на акцијата, Одделот за криминалистичка полиција заедно со повеќе сектори за внатрешни работи врши претреси на повеќе локации на територијата на државата, со цел откривање на евентуално инволвирани други лица и обезбедување на дополнителни докази и предмети поврзани со кривичното дело“, соопштија од МВР.
