Израелската армија во текот на ноќна операција на југот на Сирија за малку ќе нападнела група лица, откако првично ги помешала со сириски милитанти. Нападот бил прекинат кога војниците забележале дека станува збор за религиозни Евреи – израелски доселеници кои се враќале од сириска територија.
Инцидентот, за кој прв објави израелскиот јавен сервис, а потоа го потврди и армијата за „Асошиејтед прес“, го сврте вниманието кон крајнодесничарски активисти кои нелегално ја преминуваат границата со цел да основаат еврејски населби во јужна Сирија.
Израелската војска повеќе од една година контролира делови од јужна Сирија, но обидите на цивилни групи да навлезат на сириска територија значително се зачестени во последните месеци. Според извештаите, активистите се обидуваат да ја преминат границата на секои неколку дена.
Најпозната меѓу овие групи е „Пионери на Башан“, основана минатата година, која има цел да воспостави еврејски населби во сириските покраини Кунеитра, Дара и Сувејда. Групата го добила името по библискиот регион Башан, а нејзините членови тврдат дека Евреите имаат историско право на оваа територија и дека населбите би придонеле за безбедноста на Голанската Висорамнина.
Dozens of Israeli settler activists attempted to breach the border into Syria earlier today, before being detained by the army, the military says.
The activists, who called themselves the Bashan Pioneers, have attempted to enter Syria multiple times in the past year, while… pic.twitter.com/i8VUtsLEIb
— Emanuel (Mannie) Fabian (@manniefabian) July 5, 2026
Израел ја освои Голанската Висорамнина од Сирија во војната во 1967 година, а подоцна ја анектираше, иако најголемиот дел од меѓународната заедница не ја признава анексијата. По падот на режимот на Башар ал Асад во декември 2024 година, израелските сили воспоставија контрола и врз тампон-зоната во јужна Сирија, вклучително и стратешкиот врв на планината Хермон.
Еден од лидерите на „Пионери на Башан“, Амос Азарија, изјави дека групата сака да воспостави „хуманитарен коридор“ меѓу Израел и покраината Сувејда, каде мнозинството население се Друзи. Според неговиот план, населението од соседните претежно сунитски области треба да биде иселено.
„Целата област Дара мора да се исчисти од непријателите кои сакаат да нè уништат и наместо нив да се изградат еврејски населби“, изјавил Азарија, професор по компјутерски науки на Универзитетот Ариел на окупираниот Западен Брег.
Активистите тврдат дека нивните населби би придонеле и за заштита на друзската заедница по минатогодишните судири меѓу Друзите, сунитските бедуински племиња и сириските владини сили, во кои загинаа стотици цивили, претежно Друзи.
Нивната прва цел е поставување мала населба во близина на Голанската Висорамнина под израелска контрола. Ваквите импровизирани населби често подоцна добиваат официјална легализација од израелските власти, како што се случуваше на окупираниот Западен Брег.
Израелската армија досега ги спречувала сите обиди. Во почетокот на јули околу сто активисти се обиделе да ја преминат границата кај планината Хермон, по што биле приведени. На снимките што ги објави групата се гледа како војниците ги оттурнуваат активистите и им ставаат пластични лисици.
Армијата соопшти дека ваквите упади ги одвлекуваат војниците од оперативните задачи и претставуваат безбедносен ризик. Лицата фатени при нелегално преминување на границата се приведуваат и се предаваат на полицијата, но израелските медиуми наведуваат дека досега против нив не е поднесено ниту едно обвинение.
Активистите, пак, тврдат дека имаат поддршка од дел од владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху. На социјалните мрежи објавиле фотографии од средби со министрите Амихај Елијаху и Шломо Кархи.
„Имаме поддршка од пријатели во владата и од бројни пратеници во Кнесетот“, изјавил Азарија.
Сириските власти не ги коментираа конкретните обиди за основање еврејски населби, но редовно ја осудуваат израелската воена окупација на јужниот дел од земјата и бараат повлекување на израелските сили. Истовремено, слична израелска група се обидува да воспостави еврејски населби и во јужен Либан, што предизвикува загриженост кај либанските власти.
