Хутите со неодамнешното преземање на целата јеменска брегова линија на Црвеното Море и приближувањето до клучниот поморски премин Баб ел-Мандеб го подигнаа на ново ниво конфликтот со Саудиска Арабија и Израел.
Со овој потег, Хутите ѝ нанесоа сериозен удар на јеменската влада која ја поддржува Саудиска Арабија. Аналитичари оценуваат дека станува збор за едно од најзначајните случувања во регионот откако САД и Израел во февруари објавија војна против Иран.
Корените на конфликтот со Ријад датираат од 2004 година, кога шиитското движење Ансар Алах, познато како Хути, првпат крена оружје против тогашниот јеменски претседател Али Абдулах Салех. Тие ја обвинија Саудиска Арабија дека го финансира и насочува неговиот конфликт со нивната заедница во северната провинција Саада.
BREAKING: For the first time in four years, Yemen's Houthis have struck Saudi Arabia's King Khalid International Airport in Riyadh with drones, hitting the main jet fuel tanks, with flames and a massive plume of black smoke over the airport, per Reuters.
Saudi Arabia lost its… pic.twitter.com/DZq4KrcMOX
— The Hormuz Letter (@HormuzLetter) September 19, 2026
Откако во 2014 година Хутите го искористија незадоволството поради корупцијата и го зазедоа главниот град Сана, принудувајќи го претседателот да побегне во Аден, Саудиска Арабија влезе во војната на чело на коалиција од арапски држави.
Официјално, целта беше враќање на меѓународно признатата влада на власт, но Ријад истовремено стравуваше од создавање иранско упориште на својата јужна граница и сакаше да обезбеди контрола врз Баб ел-Мандеб, важен извозен коридор за нафтата.
Војната остана во застој речиси една деценија, и покрај примирјето од 2022 година. Најновата ескалација сега претставува нејзино најинтензивно продолжение.
Вториот конфликт – оној со Израел – има поинакви корени.
Хутите уште од основањето на движењето во 1990-тите ја усвоија паролата позната како „Ал-Сарха“ („Крик“), која гласи: „Бог е најголем, смрт за Америка, смрт за Израел, проклетство за Евреите, победа за исламот“.
До 2023 година, оваа порака главно имаше симболично значење. Тоа се промени по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, кога Хутите почнаа да истрелуваат ракети и дронови кон израелскиот пристанишен град Ејлат, како и да напаѓаат бродови во Црвеното Море, во знак на, како што тврдат, солидарност со Газа.
Во следните месеци тие го погодија и Тел Авив со еден проектил при што загина едно лице, додека останатите ракети беа пресретнати од израелската, американската и француската противвоздушна одбрана.
Овој образец се повторуваше во бранови. Примирјето во Газа во октомври 2025 година привремено ги намали нападите, но борбите меѓу Израел и Иран, кои повторно започнаа годинава, ги поттикнаа Хутите во јуни да ја обноват блокадата на бродовите поврзани со Израел.
Onboard footage of a Houthi SAM system shooting down a Saudi F-15 overnight over Yemen’s Marib province. pic.twitter.com/6mh23B2Ovu
— OSINTtechnical (@Osinttechnical) September 16, 2026
Со тоа јеменскиот конфликт дополнително се вовлече во пошироката регионална војна.
Двата фронта сега се испреплетуваат. Искуството и оружјето стекнати во војната со Израел и нападите врз бродовите во Црвеното Море, вклучително и балистички ракети и дронови набавени со помош од Иран, им овозможија на хутите да ги надминат воено фрагментираните сили на јеменската влада и да ја преземат целата брегова линија во напад кој траел само 18 часа.
Аналитичарот Мохамад Елмасри од катарскиот Институт Доха оцени дека станува збор за „борбена сила понапредна од онаа со која Саудијците се соочуваа пред десетина години“. Тој додава дека пристапот до иранско оружје им овозможил на хутите да изградат значителен арсенал.
Преку Баб ел-Мандеб дневно минуваат околу 12 отсто од вкупната светска трговија, а стратешкото значење на теснецот дополнително порасна откако Иран го затвори Ормускиот теснец, преку кој пред војната годишно минуваше околу една петтина од светските енергетски резерви.
Саудиска Арабија потоа максимално го зголеми капацитетот на нафтоводот кој суровата нафта ја транспортира од нафтените полиња Абкаик до пристаништето Јанбу на Црвеното Море – од пет на седум милиони барели дневно.
Поради тоа, сега дури 21 отсто повеќе саудиска нафта се транспортира кон Баб ел-Мандеб отколку пред војната.
Токму тоа го направи теснецот мета. Транспортот на саудиска сурова нафта низ него во август падна на околу 400.000 барели дневно, додека бројот на пловидби е намален за 60 до 70 отсто откако бродските компании почнаа да ја избегнуваат оваа рута. Најновата ескалација донесе дополнителен пад од 46 отсто.
Хелима Крофт, аналитичарка во RBC Capital Markets, предупреди дека „поморскиот сообраќај низ Баб ел-Мандеб е сериозно загрозен од напредувањето на хутите“. Таа оцени дека целосна војна би можела да ја подигне цената на нафтата „брент“ на речиси 122 долари до крајот на годината.
Слични проекции имаат и други инвестициски банки. Голдман Сакс проценува дека цената би можела да достигне околу 120 долари доколку конфликтот продолжи во 2027 година, додека „Банк оф Америка“ очекува распон од 95 до 125 долари до крајот на годинава.
Меѓународната агенција за енергија соопшти дека глобалната понуда на нафта годинава ќе се намали повеќе од претходно предвиденото. Во исто време, ОПЕК петти пат по ред ја намали прогнозата за растот на глобалната побарувачка во 2026 година.
Според податоците на ИЕА, Саудиска Арабија и Русија, вториот и третиот најголем производител на нафта во светот, во август заедно произведувале околу 5,5 милиони барели дневно помалку отколку во јануари. Намалувањето е последица на комбинираното влијание на војната со Иран и војната во Украина.
За Техеран, случувањата на терен имаат и симболично значење.
„Тоа во суштина значи дека Иран сега го контролира Ормускиот теснец, плус уште нешто“, оцени Алам Салех, професор по меѓународни односи на Австралискиот национален универзитет.
Тој додава дека Иран на тој начин ја искористил својата позиција во однос на глобалните цени на нафтата и енергетската безбедност.
Андреас Криг, вонреден професор на лондонскиот Кингс колеџ, сепак предупредува дека хутите имаат сериозни проблеми во управувањето со териториите што ги освојуваат и дека е малку веројатно долгорочно да можат да ја одржуваат блокадата.
Саудиска Арабија континуирано истрелува десетици проектили кон областите под контрола на хутите, но засега без видлив ефект.
Престолонаследникот Мохамед бин Салман двапати телефонски побарал од американскиот претседател Доналд Трамп директни американски воздушни напади врз хутите, но Трамп го одбил барањето и понудил разузнавачка поддршка.
Трамп истовремено призна дека е малку веројатно војната да заврши пред американските избори за Конгресот во ноември. Според „Волстрит журнал“, негови советници во интерни разговори веќе ја споменуваат 2029 година како можна година за завршување на конфликтот.
