Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека е подготвен да му ја отстапи премиерската функција на Гади Ајзенкот, кој би предводел влада на национално единство во првата половина од мандатот.
Овој потег укажува на тоа дека поранешниот началник на Генералштабот е сè поблиску до формирање опозициска коалиција чија цел е смена на Нетанјаху, пренесува Ројтерс.
Оваа најава покажува под каков голем притисок се наоѓа долгогодишниот израелски лидер, додека Ајзенкот истовремено ја обезбедува поддршката од своите партнери, што би можело да му донесе парламентарно мнозинство и да овозможи формирање влада.
Нетанјаху конкретно понудил да биде втор во договорот за ротација на власта со Ајзенкот, како дел од предложениот договор за влада на национално единство меѓу нивните партии.
Ајзенкот доби мандат за формирање влада од израелскиот претседател по изборите одржани на 27 октомври. На изборите немаше јасен победник, па ниту Ајзенкот, ниту Нетанјаху не обезбедија директен пат до власта.
Оваа недела, Ајзенкот веќе потпиша коалициски договори со двајца партнери од левиот и десниот политички спектар, со што се приближи до обезбедување парламентарно мнозинство. Досега, партијата „Јашар“ на Ајзенкот нема дадено коментар за понудата на Нетанјаху.
Во официјална изјава, Нетанјаху наведе дека смета оти тој треба да ја предводи израелската влада. Сепак, тој додаде: „Со оглед на сериозноста на егзистенцијалната закана и можноста да се формира влада која не би можела да се справи со таа опасност, мојата одговорност како лидер наложува сè друго да ставам настрана“.
