Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се залага за нов напад врз Иран, кој би можел да вклучува уништување на водоводната и електроенергетската мрежа, како и на друга клучна цивилна инфраструктура од која зависат 90 милиони луѓе. Доколку иранскиот режим не може да биде соборен, дел од израелскиот воен и разузнавачки врв смета дека земјата треба економски и инфраструктурно да биде ослабена, пишува израелскиот „Јнет“.
„Тоа е чисто лудило“, изјавил висок израелски безбедносен функционер, кој учествувал во планирањето и спроведувањето на претходните два напада врз Иран и е добро запознаен со подготовките за евентуален трет напад.
Според неговите зборови, дел од високите функционери во израелската војска и Мосад сметаат дека досегашните напади не ги постигнале посакуваните резултати бидејќи не била употребена доволно воена сила.
Застапниците на новиот напад сметаат дека уништувањето на клучната инфраструктура би го вратило Иран со децении наназад и би ги ограничило неговите можности за обновување на нуклеарната и ракетната програма. Израел и САД разработуваат план за заеднички напад, но конечна одлука за негово спроведување сè уште не е донесена.
Соговорникот на „Јнет“ предупредува дека Израел би можел да биде одговорен за тешка хуманитарна криза во земја чие население веќе има проблеми со пристапот до основните животни потреби. Тој стравува и дека иранската одмазда би можела да предизвика сериозна криза во снабдувањето со вода во земјите од Персискиот Залив.
Иран веќе предупреди дека на нападите врз неговата цивилна инфраструктура ќе одговори со напади врз нафтени постројки, енергетски објекти и друга клучна инфраструктура во земјите од регионот. Така, последиците од новата војна би можеле далеку да ги надминат рамките на судирот меѓу Израел и Иран.
Канцеларијата на Нетанјаху не одговорила директно на прашањата на „Јнет“, туку го повторила претходното соопштение во кое наводите ги нарекла рециклирани лаги. Од кабинетот на премиерот тврдат дека неговите одлуки се мотивирани исклучиво од безбедноста на Израел и неговите граѓани.
