Околу 100 дрвја се уништени во невремето со силен ветер што минатата недела го зафати Куманово. Од ЈП „Чистота и зеленило“ информираат дека околу триесетина дрвја се уништени во Стариот градски парк, кај Спомен-костурницата и долж градскиот кеј. Од комуналното претпријатие најавија дека на нивно место ќе засадат нови садници од сопствениот расадник.
– Дрвјата се уништени од силниот ветер кој го зафати Куманово минатата недела. Планираме да ги обновиме кога ќе дозволат временските услови. Имаме сопствен расадник и од таму ќе ги обезбедиме садниците, изјави директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ.
Стариот градски парк е еден од најстарите паркови во Куманово. Во него има повеќе од 370 листопадни дрвја, од кои дел се стари и над еден век. Паркот, кој се простира на површина од околу 38.000 квадратни метри покрај течението на реката Липковка, со децении претставува едно од препознатливите места за одмор и рекреација на кумановци.
