Во Собранието расправа за интерпелацијата на министерот за земјоделство Трипуновски

Од:

Во Собранието на денешната 104. пленарна седница се одржува расправа за интерпелацијата за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Пријавени се 32 пратеници за збор по интепелацијата.

Во интерпелацијата за министерот за земјоделство се посочува дека се поднесува поради сериозни сомнежи за системска корупција во ресорот, потврдена со апсења високи функционери за примање мито и директно загрозување на јавниот интерес, како и, како што се посочува, поради суспензијата на ИПАРД 3-програмата. Опозоциските пратеници во интерпелацијата посочуваат и дека донесените мерки и политики покажале ризик од селективна и нетранспарентна распределба на јавните средства, кои одат директно на штета на земјоделците.

Пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски при образложението на интерпелацијата истакна дека овие две години од работењето на Трипуновски ќе бидат запаметени по укинати програми, поништените повици за трактори и механизација, преполовената програма за рурален развој, намалените субвенции и укинатата авансна исплата.

-Ќе бидат запаметени по тоа што илјадници земјоделци секоја година бараат исплата на субвенциите, а наместо поддршка добиваат бесконечно одлагање. Ќе бидат запаметени по тоа што цените на пченицата, на оризот, на грозјето, на зелката, на млекото и на многу други производи паднаа под производствените трошоци, а немате донесено ниту една дополнителна мерка од еден, два, три или пет денари за нивна поддршка. Ќе бидат запаметени по напуштените реформи во шумарството, по пропаднати проекти, по уништени административни капацитети и по уште многу други работи. Две години институциите не беа ставени во функција на земјоделците, туку во функција на вашите интереси. Професионалци со долгогодишно искуство беа деградирани, преместувани и изложени на притисоци. Постојат бројни реакции за судски постапки и многу други работи, како и за мобинг над професионалните служби. Во исто време, нефункционирањето на електронските системи и рачното архивирање на документацијата при одредени повици е предмет на сериозна дебата, но и прашање на одговори во наредниот период. Вие ветувавте повеќе субвенции, земјоделците добија помалку; ветувавте сигурен откуп, земјоделците добија пониски цени; ветувавте нови инвестиции, земјоделците добија блокиран ИПАРД – рече Николовски.

Потенцира дека наместо навремена реакција и преземање одговорност, јавноста, како што рече, била сведок на обид за релативизација и прикривање на одлуката за прекин на ИПАРД програмата.

-Корупциските скандали не завршуваат само со апсења и сомнежи за поткуп, тие кулминираат со прекината ИПАРД програма, која сè уште не е воспоставена. Ова претставува сериозен удар врз довербата во европските фондови и врз кредибилитетот на институцијата, кој што е граден и во кој што сме биле лидери последните години, потврдено со официјален документ на Европската комисија. Кога земјоделците протестираат за субвенции, кога сточарите ги затвораат фармите, кога лозарите, оризопроизводителите, градинарите и сите останати бараат заштита од државата, тогаш проблемот не е кај земјоделците. Слушнете ги земјоделците кои денес бараат преземање одговорност, здруженијата, синдикатот кој што побара оставка од самиот министер. Слушнете ги земјоделците кои бараат оставка затоа што го изгубивте кредибилитетот кој што со години го градевте на тема на лажни ветувања и ветувања кои што денес не се исполнети. Наместо напредок, направивте чекори кои што оставаат трајни последици врз земјоделството – рече Николовски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од собраниската говорница нагласи дека луѓето кои што со години го воделе земјоделството и имале можност да ги решаваат проблемите на земјоделците во Македонија, оставиле разочарани земјоделци, уништени системи, недовршени проекти и целосно изгубена доверба во институциите.

-Кога ја преземав функцијата, наследив една хаотична состојба, нерешени предмети, хаос во институциите, наталожени проблеми, неисплатени плати во јавните претпријатија, неисплатени субвенции и чувство дека Министерството служело за политичка пропаганда наместо за реална поддршка во земјоделството. Да потсетам дека околу 1.600 вработени во ЈП Национални шуми 4 месеци немаа примено плата, а над 500 вработени во АД Водостопанство немаа земено плата дури 5 месеци, нив ги оставивте на цедило, без плата и здравствено осигурување – рече тој.

Министерот посочи дека сегашната власт имаше обврска да исплати неисплатени субвенции од 2020, 2021, 2022 и 2023 година. Потсети дека претходната власт 17 месеци не исплатила субвенции за предадено млеко.

-Сакате факти за вашето неработење, тука говори и кредитот од Светска Банка земен во 2019 година во износ од 46 милиони евра. Затекнавме многу слаба реализација во активностите за проектот, беше помалку 10 отсто, а сите активности на проектот требаше да бидат завршени во јуни 2025 година. За склучениот договор со KfW Банка за кредит од 80 милиони евра за инвестиции во водостопанството во декември 2019 година, пет години претходната власт немаше преземено ништо, немаше формирано ниту проектина единица за да се реализира проектот, поради што државата исплатила над 2 милиони евра како провизија за неискористени средства по основ на одобрениот кредит. Во делот на ИПАРД Програмата, која во изминатиот период ви беше омилена тема, во периодот 2017-2024 година немате акредитирано ниту една нова мерка, односно работевте по веќе акредитираните мерки во 2009 и 2015 година – нагласи Трипуновски.

Тој во текот на своето обраќање посочи дека во втората половина на 2022 година беше хакиран системот на Министерството. Нагласи дека три месеци вработените немале пристап до своите компјутери за работа и до потребната документација. Компјутерите, како што рече, биле онеспообени за работа, немаше бекап на податоците, не беше преземено ништо, немаше никаква одговорност. Потенцира дека стотици документи и материјали се изгубени, неповратно.

-Би сакал да ве потсетам дека Колективниот договор за вработените во Министерството кој беше склучен во февруари 2021 година, со повторното доаѓање на Николовски за министер, истиот во почетокот на ноември 2022 година беше укинат. За прв пат во историјата на Македонија беше укинат колективен договор, истакна министерот Трипуновски.

Пратеникот на СДСМ, Миле Талевски нагласи дека од двегодишното владеење на оваа власт се гледаат само, како што рече, скандали, корупција, блокирани европски средства, намалени субвенции, уништена доверба, незадоволни земјоделци, пропаднати ветувања.

-Оваа интерпелација е повеќе од оправдана. Таа е неопходна, бидејќи ако нема политичка одговорност за 120 милиони евра блокирани европски средства, тогаш за што ќе има? Ако нема политичка одговорност за корупција и за грабеж на институциите на директорите, тогаш за што ќе има? Ако нема политичка одговорност за состојбата во земјоделството, тогаш за што ќе има? – праша Талевски.

Пратеникот Малиша Станковиќ од Социјалистичка партија на Македонија истакна дека целта на СДСМ со интерпелацијата не е поддршка на земјоделците, туку, како што посочи, да го заштитат криминалот што го сториле.

-Спуштете се на земја. Во текот на дискусијата ќе ги расчистиме сите работи. Вашата цел не е поддршка на земјоделците. Вашата цел не е поддршка на малите земјоделци на земјоделските фирми. Вашата цел е да го заштитите криминалот на СДСМ кој што испливува на површина и ќе исплива на површина и лажните фирми нема да ги спасат вашите функционери. Ќе одговарате за стореното – рече Станковиќ.

Собраниската дискусија по интерелацијата за министерот Трипуновски ќе продолжи по паузата во 15 часот.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Директорот на инспекторатот за земјоделие уапсен во гаражата на Трипуновски, Петровска го прозва Тошковски

Трипуновски: ИПАРД-средствата повторно достапни за македонските земјоделци

Се ограничува маржата на ѓубривата за заштита на домашното земјоделско производство

Трипуновски: Интерпелацијата е неиздржана, имаме повеќе сработено за две години за разлика од нивните седум години

Левица: Преместувања, откази и партизација во Министерството за земјоделство – Трипуновски ја прекројува систематизацијата

Горан Наумовски

Левица: Наместо да ја решaва кризата, Трипуновски ги напа​​​​​​ѓа земјоделците што протестираат

Горан Наумовски