Министерството за транспорт и врски попладнево реагираше на обвинувањата изнесени на денешната прес-конференција на СДСМ за наместен тендер за набавката на електричните автобуси. Обвинувањата од СДСМ, според Министерството, се паушални.
– Министерството за транспорт ја водеше постапката за набавка на 150 електрични автобуси и електрични полначи во целосно транспарентен процес и целосно согласно Законот за јавни набавки. Согласно процедурата, до Министерството за транспорт пристигнаа 4 понуди кои беа предмет на евалуација. Иако тендерот пропадна, во интерес на јавноста би сакале да ги објавиме понудите и причините за отфрлање на секоја од нив, се вели во реакцијата од Министерството.
Според информациите за пристигнатите понуди, кинеската компанија Актрус со автобуси Кинг Лонг доставила понуда во вредност од 50 700 000 € без ДДВ, унгарско-австрискиот конзорциум Електробус Икарус- ЕВН во вредност од 50 600 000 € без ДДВ, кинеската компанија Жонг Тонг во вредност од 50 600 000 € без ДДВ и турската компанија БМЦ во вредност од 59 200 000 € без ДДВ.
– Поединечните цени по автобус без полнач се: Електробус/Икарус: 314 000 €, Актрус/ Кинг Лонг: 324 000 €, Жонг Тонг: 327 000 € и БМЦ: 385 000 €. Од ова се забележува дека сите цени се приближно исти, односно нема разлика од 12 милиони евра. Затоа бараме јавно извинување од СДСМ, во спротивно ќе поднесеме тужба за клевета, велат од ресорното Министерство.
Трите компании, велат од Министерството за транспорт, не ги исполниле условите за избор. Компанијата Актрус/ Кинг Лонг не достави валидна банкарска гаранција, со што понудата беше невалидна, Жонг Тонг исто така имала невалидна банкарска гаранција, додека компанијата БМЦ воопшто не доставила банкарска гаранција и не ги исполнила техничките услови. За Електробус Икарус -ЕВН, второстепената Комисија за жалби по јавни набавки утврдила дека договорот за соработка меѓу Икарус и ЕВН хартиено е потпишан, но не и електронски и затоа го поништила тендерот.
– Се наметнува и прашањето зошто во денешната прес-конференција СДСМ излегува во одбрана на кинеска компанија? Имено, дописот кој го покажуваат е од кинеската Актрус/Кинг Лонг, чијашто понуда е невалидна, но и како таква не е за 12 милиони евра поевтина. Дали СДСМ одработува за странски интереси и зошто? Или мотивот е локален и се крие зад локални пробисвети и криминалци? Тоа се прашања за СДСМ, вели Министерството за транспорт и врски.
