Израел го започна својот најголем напад врз Либан од почетокот на војната со Хезболах, при што загинаа најмалку 254 лица, а 837 беа ранети. Нападот ги натера иранските власти да предупредат дека Техеран би можел да се повлече од примирјето договорено со САД. Воени авиони срамнија со земја неколку згради во центарот на Бејрут, исполнувајќи го небото со чад, во она што израелскиот министер за одбрана го нарече „ненадеен удар“ врз проиранската група Хезболах, објави „Гардијан“.
Кабинетот на израелскиот премиер соопшти дека двонеделното примирје на Блискиот Исток не го вклучува Либан, што е спротивно на изјавата на пакистанските медијатори.
По почетното молчење, американскиот претседател Трамп, исто така, рече дека Либан е „одделен конфликт“ и не е дел од договорот. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац рече дека двете боишта – Иран и Либан – се одвоени и дека целта е да се „промени реалноста во Либан и да се отстранат заканите за народот на север“.
Главниот град на Либан беше преплавен со автомобили смачкани од експлозии и пламтечки остатоци од згради што службите за итни случаи се бореа да ги изгаснат, додека Израел бомбардираше повеќе од 100 воени објекти на Хезболах низ целата земја.
Болниците упатија итни апели за донации на крв, а Министерството за здравство ги повика граѓаните да ги „исчистат улиците“ за да можат амбулантните возила да стигнат до повредените. Луѓето брзаа дома за да ги проверат своите семејства.
Еден човек беше снимен како трча кон оштетена зграда во населбата Чија, викајќи: „Има луѓе внатре!“ Слики од деца покриени со прашина од урнатините кружеа на социјалните мрежи додека луѓето се обидуваа да ги пронајдат своите родители.
Портпаролот на израелската армија објави на арапски јазик дека Израел ќе започне напади подлабоко во Бејрут, откако претходно ги ограничи повеќето напади на јужните предградија, каде што поддршката за Хезболах е силна. Тој рече дека Хезболах „се препозиционира“ во мешаните населби на градот и вети дека ќе ги гони своите борци без оглед на локацијата.
Кратко по таа изјава, Израел сруши уште една зграда во населбата Талет ал-Кајет во Западен Бејрут, која досега не беше погодена во оваа војна. Најавата дека нападите би можеле да го погодат кој било дел од Бејрут ги ужасна жителите. „Каде да одам? Целиот Либан е засегнат. Израел заврши со Иран и сега сака да се сврти против нас“, рече еден жител кој сакаше да остане анонимен.
Ирански извори изјавија за новинската агенција Тасним дека земјата е подготвена да се повлече од договорот за прекин на огнот ако Израел „продолжи да го крши прекинот на огнот во Либан“. Кризата ја разговараа иранскиот министер за надворешни работи и неговиот пакистански колега. Израелскиот политичар директно му се закани на лидерот на Хезболах.
„Го предупредивме Наим Касем дека Хезболах ќе плати многу висока цена за нападот врз Израел во име на Иран – а самиот Наим Касем ќе биде повикан на одговорност“, рече Кац. Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, го осуди обемот на нападот во среда како „ужасен“.
„Таков масакр, само неколку часа по договорот за прекин на огнот со Иран, е целосно неразбирлив. Тој врши огромен притисок врз кревкиот мир што им е толку очајно потребен на цивилите“, рече тој. Црвениот крст соопшти дека е „згрозен од катастрофалните смртни случаи и уништување“ во густо населените области низ Либан, додавајќи дека земјата повторно е втурната во „паника и хаос“.
До бранот израелски воздушни напади во среда, Хезболах не ја презеде одговорноста за никакви напади врз Израел откако беше објавено прекинот на огнот – првиот откако започна војната на 2 март. Во вторник, имаше знаци дека пошироките дипломатски разговори што се водеа во Пакистан меѓу САД и Иран завршија без директно вклучување на Израел.
Трамп го повика Нетанјаху за да го информира за својата одлука кратко пред да биде објавено примирјето. Израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид рече дека Нетанјаху претрпел политички и стратешки неуспех. „Никогаш немало таква политичка катастрофа во нашата историја.
Израел дури и не беше на масата кога се донесуваа одлуки за суштината на нашата национална безбедност“, објави тој. Подоцна во среда, Нетанјаху рече дека Израел останува подготвен да се соочи со Иран доколку е потребно, бидејќи сè уште има „цели што треба да ги постигне“, додека војската рече дека продолжува со својата цел за „разоружување“ на Хезболах во Либан.
Петнеделната војна во Либан ја доведе земјата до точка на пресврт. Повеќе од 1,1 милион луѓе се раселени, од кои многумина живеат на улица. Израелските воздушни напади убија повеќе од 1.530, а ранети се 4.812 лица, соопшти либанското Министерство за здравство во вторник.
