Американскиот претседател Доналд Трамп „не е задоволен“ од назначувањето на Моџтаба Хамнеи за нов врховен лидер на Иран, според американската телевизиска станица Фокс њуз.
Водителот Брајан Килмид рече дека разговарал со претседателот по објавувањето.
„Не сум задоволен“, му рекол Трамп.
Килмид не даде дополнителни детали за разговорот, а Трамп сè уште не се огласил јавно.
За разлика од Трамп жителите на Иран се задоволни, излегоа на улиците да го прослават изборот на новиот врховен лидер. Во видео објавено на социјалните мрежи на кое илјадници Иранци се на улиците со слики на новиот лидер стои пораката „Прати му го ова на Трамп“.
3:30AM Tehran. Iranians react to new Supreme Leader Ayatollah Mojtaba Khamenei
SEND THIS TO TRUMP pic.twitter.com/sbEqU6FW1e
— John Hussain (@johnhussainpres) March 9, 2026
Иранскиот совет на експерти, телото задолжено за избор на врховен лидер на земјата, синоќа со големо мнозинство гласови го избра ајатолахот Моџтаба Хамнеи за трет врховен лидер на Исламската Република Иран, објави Тасним.
Советот на експерти ја нагласи важноста на континуитетот на лидерството и важноста на почитувањето на Уставот и внатрешните правила во процесот на избор на лидери, за земјата да не остане без лидерство.
„Изборот на Моџтаба Хамнеи беше спроведен во согласност со принципите на исламскиот закон и Уставот, а Советот на експерти ги повикува сите граѓани и елитата на општеството да му покажат лојалност на новиот лидер и да го зачуваат единството на државата“, се вели во соопштението.
Новиот врховен лидер на Иран беше избран откако претходниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, беше убиен на почетокот на нападите на САД и Израел врз Иран на 28 февруари.
Моџтаба се смета за продолжение на наследството на неговиот татко и тврдокорното владеење. Трамп претходно изјави дека назначувањето на синот на Хамнеи би било „неприфатливо“, додавајќи дека новиот ирански лидер сигурно нема да „трае долго“ ако назначувањето не е координирано со Вашингтон.
„Тие губат време. Синот на Хамнеи е „мала риба“, го цитираше американскиот портал Аксиос Трамп.
Израелскиот министер за одбрана Израел, Кац, минатата недела изјави дека кој и да биде избран за наследник на Хамнеи ќе биде „цел за елиминација“.
