Зградата до седиштето на Петтата флота на американската морнарица во Џуфер (Бахреин) беше оштетена од ирански напад со беспилотни летала за време на викендот.
Русија му обезбедува на Иран клучни разузнавачки информации за цели за напад врз американските сили на Блискиот Исток. Ова е првиот конкретен показател дека уште еден од главните противници на Америка учествува, барем индиректно, во нова, разорна војна, потврдија за „Вашингтон пост“ тројца американски функционери запознаени со разузнавачките информации.
Оваа помош, за која досега не се дискутираше јавно, сигнализира дека еден од главните нуклеарни соперници на Америка со исклучителни разузнавачки способности сега учествува во брзорастечкиот конфликт.
Од почетокот на војната во саботата, Русија му обезбедува на Иран точни локации на американските воени ресурси, вклучувајќи воени бродови и авиони, според функционерите, кои зборуваа под услов на анонимност. Еден од изворите го опиша потегот на Москва како „прилично сеопфатен напор“.
Обемот на руската помош во моментов не е сосема јасен, особено со оглед на тоа што сопствениот капацитет на иранската војска за лоцирање на американските сили е значително намален во првите седум дена од борбите.
Сепак, последиците веќе се чувствуваат. Шест американски војници беа убиени, а неколку беа повредени во нападот во недела од страна на ирански дрон во Кувајт. Исто така, во последните денови, беше погодена станицата на ЦИА во американската амбасада во Ријад (Саудиска Арабија).
Аналитичарите истакнуваат дека споделувањето разузнавачки информации совршено се вклопува во моделот на иранските напади насочени кон американската командна инфраструктура, радари и привремени објекти.
„Иран врши многу прецизни напади врз радарите за рано предупредување и радарите со долг дострел. Тие го прават тоа многу насочено, напаѓајќи ја командата и контролата“, рече Дара Масикот, руски воен експерт во Карнегиевата фондација за меѓународен мир.
Со оглед на тоа што Иран има само неколку воени сателити, Масикот истакнува дека сателитските слики обезбедени од напредната руска вселенска технологија се непроценливи.
Од друга страна, американско-израелската кампања досега погоди повеќе од 2.000 ирански цели, вклучувајќи локации за балистички ракети, поморски бази, но и самото раководство на земјата, вклучувајќи го и врховниот лидер на Иран, кој беше убиен на самиот почеток на конфликтот.
„Иранскиот режим е апсолутно уништен“, изјави портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, без да коментира за обвинувањата за руска помош. „Нивната одмазда со балистички ракети е се послаба секој ден, нивната морнарица е збришана, нивните производствени капацитети се уништени, а нивните прокси групи едвај даваат отпор“.
Пентагон и ЦИА одбија да коментираат за обвинувањата. Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, неодамна изјави дека Русија и Кина, иако се најмоќни сојузници на Иран, „не се вистински вмешани тука“. Изворите, исто така, потврдуваат дека Кина, и покрај блиските врски со Техеран, не помага во одбраната на Иран.
Експертите нагласуваат дека Иран сега е во можност да ја пробие американската воздушна одбрана пософистицирана од кога било досега. Тоа води кон забрзано осиромашување на залихите на прецизно оружје и пресретнувачи на Пентагон, што е загриженост на генералот Ден Кејн, претседател на Здружениот штаб на вооружените сили, чии предупредувања администрацијата на Доналд Трамп се обиде да ги минимизира.
Интересно е што во четврток украинскиот претседател Володимир Зеленски објави на мрежата X дека администрацијата на Трамп побарала помош во одбраната од иранските беспилотни летала и дека Киев ќе ги испрати своите „специјалисти“ како знак на поддршка.
Руската поддршка за Иран се гледа и низ призмата на војната во Украина. Иран е еден од главните поддржувачи на Москва, снабдувајќи ја со евтини камикази беспилотни летала.
„Русите се добро запознаени со помошта што им ја даваме на Украинците. Мислам дека беа многу среќни што можеа да возвратат“, рече еден од американските функционери.
Иако Русија избегнува директен воен ангажман бидејќи нејзиниот фокус останува на Украина, Кремљ гледа предности во продолжена војна меѓу САД и Иран. Покрај повисоките приходи од нафта, овој конфликт драматично го одвлекува вниманието на Америка и Европа од украинскиот фронт, а Иран би можел да стане најновата земја што ќе изгуби проруска влада, по соборувањето на Башар ал-Асад во Сирија кон крајот на 2024 година и американскиот воен напад во кој беше уапсен венецуелскиот претседател Николас Мадуро во јануари.
