„Боите на Свети Трифун низ делата на ликовните уметници“, традиционална изложба во Музеј галерија – Кавадарци

Од:

„Боите на Свети Трифун низ делата на ликовните уметници“ е насловена традиционалната изложба што синоќа беше отворена во Музеј галерија – Кавадарци.

– Оваа изложба се одржува повеќе од 35 години и претставува жив сведок на културниот континуитет на Кавадарци. Таа е огледало на нашиот идентитет, на винската традиција, на духовноста и на љубовта кон уметноста. Во изминатите три години, изложбата доби целосно променет и современ концепт со нов пристап, нова енергија и проширена уметничка перспектива, но, со истата почит кон традицијата и значењето на Свети Трифун како заштитник на лозарите и виното, рече директорот Јаким Зимоски.

Тој изрази благодарност до локалната самоуправа за континуираната поддршка и покровителство.

– Без нивната визија и посветеност кон културата, вакви настани не би биле возможни. Голема благодарност и до спонзорите, кои со својата поддршка уште еднаш покажуваат дека културата и традицијата се вредности што заеднички ги негуваме. Благодарност и до сите уметници кои со своите дела ја раскажуваат приказната за Свети Трифун низ боја, форма и лична визија. Токму вие ја правите оваа изложба жива, современа и значајна, истакна Зимоски.

Трајче Цветков, виш кустос историчар на уметност при Музејот, појасни дека своите дела ги претставуваат 35 автори, сликари и вајари, обединети околу заедничка инспирација, но, изразени преку различни естетски пристапи и форми.

– Оваа изложба носи во себе симболика што длабоко во себе е поврзана со уметничкото творештво. Како што лозата бара грижа, трпение и посветеност, така и уметничката визија бара духовна зрелост, истрајност и искрена внатрешна потреба за изразување. Пред нас се дела реализирани во различни техники од класично и современо сликарство, преку експериментални ликовни пристапи, до скулптурални форми што го освојуваат просторот со својата пластична експресија, истакна Цветков.

Тој нагласи дека разновидноста на правците од експресионизам и апстракција, па до симболички изрази, сведочи за богатството на современата ликовна сцена и за индивидуалните креативни патишта на авторите.

– Она што ги обединува овие дела не е стилската хомогеност, туку заедничката потреба за визуелна комуникација, стремежот преку боја, форма, линија и волумен да се проговори за човекот, природата, традицијата и современоста. Во таа смисла, изложбата претставува разговор не само помеѓу различните автори, туку и помеѓу делото и гледачот, помеѓу индивидуалното доживување и колективното културно паметење, подвлече тој.

Цветков додаде дека особено значајно е што оваа манифестација ја афирмира заедничката креативна енергија и ја потврдува улогата на уметноста како духовен простор на слобода, критичка мисла и естетско преиспитување.

– Во време на динамични општествени промени, токму уметноста останува трајна вредност што поврзува, инспирира и потсетува на суштинските човечки и културни вредности, рече тој.

Притоа им се заблагодари на сите автори за нивниот придонес, посветеност и креативна зрелост и им посака уште многу успешни творечки циклуси.

Пред присутните се обрати и претседателот на Совет на Општина Кавадарци, доктор Стојанче Рамов.

– Без разлика на политичка ориентација, сите советници во Советот се единствени кога станува збор за здравство, образование, култура, подвлече Рамов.

Би можело да ве интересира

Момче почина во кавадаречко Возарци

Семејно насилство во Кавадарци: Пијана жена од Хрватска со нож го избоде сопругот

Горан Наумовски

Опожарени две хали од магацински простор на конфекција во Кавадарци

Тешко повреден работник во фабрика во Кавадарци

Тешка сообраќајка во Кавадарци, повреден е пешак

Доживотен затвор за братоубиство во Кавадарци

А1он