Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, обвини дека Владата ја избегна средбата за потпишување на спогодба за зголемување на минималната плата, иако, како што рече, синдикатите во 9 часот биле подготвени да го финализираат договорот.
Според Трендафилов, предложената спогодба предвидувала зголемување на минималната плата на 600 евра нето, почнувајќи од исплатата за февруари 2026 година, како и раст на останатите плати за најмалку 6.000 денари. Сепак, претставникот на Владата не се појави на средбата.
„Денеска паднаа маските. Се потврди дека зголемувањето на платите не е приоритет за Владата, иако изминатите денови јавно тврдеа спротивно“, изјави Трендафилов, додавајќи дека ниските плати ги погодуваат најголемиот број работници и бараат итна реакција.
Тој посочи дека Владата почнала да зборува за зголемување на платите дури по серијата синдикални протести, вклучително и барањата на Синдикатот на УПОЗ, кои, според него, биле игнорирани речиси една година. Иако Владата најавила прифаќање на дел од тие предлози, колективните договори, како што рече, сè уште не се потпишани.
Трендафилов предупреди и на можните последици од иницијативите за измени на Општиот колективен договор. Според неговите пресметки, евентуално укинување на одредбите за пресметка на платите би значело намалување од околу 21,8 отсто за околу 130.000 вработени во јавниот сектор.
„Тоа би значело на работниците да им се земат три, а да им се врати една паричка – нешто што е апсолутно недозволиво“, нагласи тој.
Дополнително, укинувањето на Општиот колективен договор, според ССМ, би значело губење на низа работнички права, како јубилејни награди, К-15 и додатоци на плата во образованието, здравството, одбраната и полицијата.
„Се поставува сериозното прашање дали оваа Влада не само што не сака да ги зголеми платите, туку има намера и да им ги одземе постојните права на работниците“, порача Трендафилов.