Членовите на НАТО бараат зајакнување на военото присуство на Арктикот по состанокот на амбасадорите во Брисел, поради сè поинтензивните закани од американскиот лидер Доналд Трамп дека САД би можеле да го преземат Гренланд.
На состанокот одржан зад затворени врати, амбасадорите се согласија дека е потребно да се зајакне арктичкото крило на организацијата поради тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп за изложеност на Гренланд на руско и кинеско влијание, пишува Политико, повикувајќи се на изјавите на тројцата дипломати.
Меѓу предложените мерки е подобрување на користењето на разузнавачките капацитети за следење на Арктикот, зголемување на одбранбените средства во тој регион, трансфер на воена опрема, како и одржување чести воени вежби.
Серијата предлози јасно укажува на растечката загриженост во Европа за американските намери кон Гренланд. Белата куќа дополнително ги засили своите барања оваа недела и одби да исклучи воено преземање на островот. Европските земји се обидуваат да го смират Трамп и да избегнат воена интервенција, за која Данска предупредува дека би значело „крај на сојузите“.
Брзината со која се бара решение, само неколку дена по последните пораки од Вашингтон, покажува колку сериозно Европа го сфаќа овој ултиматум и егзистенцијалниот ризик што би претставувала евентуалната инвазија на Гренланд за трансатлантските односи. Сега се очекува претставниците на НАТО да развијат конкретни опции што ќе им бидат презентирани на состанокот на амбасадорите.
Како причини за преземање на контролата врз Гренланд, Трамп ги наведува богатството на суровини и потенцијалните нафтени наоѓалишта, но и наводната закана од руските и кинеските бродови во близина на островот. Сепак, експертите најчесто ги оспоруваат овие тврдења, истакнувајќи дека Москва и Пекинг се фокусирани на одбранбени активности, како што се заеднички патроли и воени инвестиции, првенствено во источниот Арктик.
Средбата на 32 амбасадори од земјите-членки на НАТО се одржа без отворена конфронтација, а еден од дипломатите ја опиша атмосферата како „продуктивна“ и „конструктивна“. Данскиот амбасадор, кој прв зборуваше, нагласи дека има состанок за билатерални прашања, но се фокусираше на минатите успеси на арктичката стратегија на НАТО и потребата од нејзино понатамошно подобрување, што беше широко поддржано.
Прашањето за Гренланд беше отворено и на состанокот на амбасадорите на Европската Унија, каде што членовите изразија солидарност со Данска. Се очекува Данска денес да достави формален извештај до своите партнери од ЕУ.
