(ВИДЕО) Сопственичка на златарница во Лион гледала во живо како ограбувачите ѝ ја уништуваат продавницата: „Полицијата не дојде“

Од:

Мари Шоке, сосопственичка на златарницата „Кумал Бијужу“ во францускиот град Лион, преку камерите за видеонадзор гледала како разбојници ѝ ја уништуваат и ограбуваат продавницата за време на протестите на 17 октомври. Таа тврди дека веднаш ја повикала полицијата и молела за заштита, но интервенција немало.

„Кога слушам политичари како зборуваат дека било направено сè што можело, знам дека тоа не е вистина. Полицијата не добила наредба да биде на вистинското место во вистинското време, а сето ова можело да се избегне. Целосно сме скршени“, изјавила Шоке за француската телевизија ЛЦИ.

Разбојниците однеле накит, сеф и неколку телефони „Ајфон“. Еден од украдените телефони подоцна бил лоциран во продавница во Волкс-ан-Велан, во околината на Лион. Шоке повторно ја известила полицијата, но, според нејзините зборови, и овојпат добила одговор дека не можат да интервенираат.

Иако осигурувањето треба да ја покрие настанатата штета, сопственичката нагласува дека почетните трошоци за обновување на златарницата, која ја отворила со својот деловен партнер пред седум години, ќе мора да ги поднесат самите. Таа најави дека ќе ја обноват продавницата без оглед на висината на обесштетувањето.

По серијата грабежи, француската влада ги повика интернет-платформите за препродажба веднаш да ги отстранат огласите за кои постои сомневање дека нудат украдена стока.

Франција во изминатиот период беше зафатена од масовни протести поради високите трошоци за живот, растот на цените на горивата и незадоволството од јавните услуги. На протестите им се приклучија ученици и студенти, кои бараат подобри услови во образованието, повеќе наставници и поголеми инвестиции во училиштата.

Мирните демонстрации во повеќе градови прераснаа во насилни судири со полицијата, палење автомобили и јавни објекти, како и ограбување продавници. Меѓу најпогодените градови беа Париз, Лион, Марсеј и Бордо. Во Лион беше запален и градскиот туристички центар, додека во Марсеј демонстранти провалија во градското собрание и предизвикаа голема материјална штета.

Според податоците наведени во извештајот, за време на викендот бea уапсени повеќе од 2.300 лица, а речиси 1.000 полицајци и припадници на жандармеријата биле повредени. Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез признал дека безбедносните сили ја изгубиле контролата врз ситуацијата и не биле доволно подготвени за размерите на насилството.

Премиерот Себастијан Лекорни најавил воведување локален полициски час за спречување нови нереди и заштита на продавниците. Ограничувања биле воведени во делови од Париз и во неколку други градови, меѓу кои Лион, Ница и Лил.

Случајот со златарницата повторно го отвори прашањето за одговорноста на властите и способноста на полицијата да ги заштити граѓаните и нивниот имот за време на масовни немири. Додека трговците се обидуваат да ги санираат последиците од грабежите, владата се соочува со сè поголеми критики поради безбедносните пропусти.

Би можело да ве интересира

Франција на улиците испраќа воена единица формирана по терористичките напади во 2015 година

Петмина маскирани и вооружени мажи упаднаа во домот на шпанскиот голман додека вечераше со семејството

Бесот поради скапите станови ескалира во Португалија: Судири со полицијата, приведени десетици демонстранти

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Полициски час во Париз и поголемите француски градови

Зеленски: Украина нема да издржи ако САД застанат на страната на Русија

Маѓар за насилството во Франција: Затоа Унгарија не попушта по прашањето за миграцијата