Доктор Никола Пановски преку објава на Фејсбук предупреди дека повторно се шират лажни видеа и реклами во кои е злоупотребен неговиот лик и име за промоција на различни производи.
Тој потенцира дека никогаш не рекламирал, ниту ќе рекламира каков било производ и дека сите такви содржини се измислени.
„Никогаш не сум рекламирал, не рекламирам, ниту некогаш ќе рекламирам било каков производ. Кога ќе го прочитате моето име или ќе ја видите мојата слика покрај некој производ, а во последно време и видеа – сè е тоа злоупотреба. Ако има интервју – тоа е измислено. Не купувајте го тоа ѓубре“, напиша Пановски.
Тој ги повика граѓаните да не купуваат, како што вели, „лажни препарати“ и да не ги „богатат криминалците“, нагласувајќи дека државата досега не презела соодветни мерки за заштита од ваквите злоупотреби.
„Државата со прст не мрдна да нè заштити. Злоупотребата продолжува“, вели Пановски.
На крајот, тој апелира до граѓаните да ја споделат неговата порака и секое видео или реклама со неговиот лик да ја пријават како лажна.
„Не купувајте, а ако сте купиле – фрлете го“, порачува д-р Пановски.
