Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека на самитот на Европската Унија, Унгарија спречила, како што тврди, „директно влечење на Европа во војна со Русија“ и одбила да учествува во финансирањето на Украина преку нов европски заем.
Во објава на социјалната мрежа X, Орбан изјави дека преговорите во Брисел долго и дека Унгарија, заедно со своите сојузници, успеала да блокира дел од предлогот поврзан со користењето на замрзнатите руски средства.
– Успеавме да го избегнеме непосредниот ризик од војна. Не дозволивме Европа да ѝ објави војна на Русија со користење на руски средства, напиша Орбан на Х.
Унгарскиот премиер тврди дека таков план би ја изложил Унгарија на огромен финансиски товар.
„Овој план би ја вовлекол Европа во војна и би наметнал финансиски товар од еден трилион форинти на Унгарија. Успеавме да ги заштитиме унгарските семејства“, рече тој.
Во исто време, тој потврди дека другите членки на Европската Унија донеле одлука да одобрат финансиска помош за Украина во форма на заем за следните две години.
„Дваесет и четири земји-членки одлучија да одобрат воен заем за Украина за следните две години. Доколку Украина не е во можност да го врати заемот, европските земји ќе мора сами да ја покријат отплатата“, рече Орбан.
