Алијансата за Албанците ја изразува својата најдлабока загриженост и со висока граѓанска и национална одговорност го осудува еден невиден скандал којшто директно ја загрозува енергетската безбедност и институционалниот суверенитет на државата. Станува збор за одлука донесена од страна на генералниот директор на МЕПСО, Бурим Латифи, кој на 27 август 2025 година потпишал договор за соработка со српската компанија „ИМП-Телекомуникаци ДОО Белград“, со предмет на договорот – набавка на уреди за телеконтрола на 400 kV далекуводот Скопје–Врање. Овој акт, кој на прв поглед може да изгледа како обична техничка процедура, всушност претставува стратешки и политички ризик, претворајќи го едноставниот комерцијален договор во инструмент за проширување на влијанието на „српскиот свет“ врз енергетскиот систем на Северна Македонија – земја членка на НАТО и дел од евроатлантската безбедносна архитектура, велат од Алијансата за Албанците.
„Фактот што српската компанија не е регистрирана како даночен обврзник во Северна Македонија предизвикува сериозни сомнежи во врска со транспарентноста, законитоста и целите на овој договор, чија вредност изнесува 1.463.200 денари (околу 23.791 евра) со вклучен ДДВ. Но, надвор од финансискиот аспект, она што го прави овој случај особено алармантен е геополитичката димензија и можниот судир на политички интереси.
Бурим Латифи е братучед на првиот вицепремиер Изет Меџити, претставник на коалицијата ВЛЕН, и поради тоа, не може да се исклучи сомнежот дека овој договор е резултат на политичка интервенција и фамилијарна фаворизација, на штета на државниот интерес. Во овој контекст, Алијансата за Албанците јавно ги поставува следните клучни прашања: Како е можно компанија со седиште во Белград, во услови на зголемени геополитички тензии, да биде избрана за проект поврзан со критичната енергетска инфраструктура на земја членка на НАТО? Дали првиот вицепремиер Изет Меџити официјално или неформално влијаел врз овој процес за да го поддржи својот роднина? Дали овој договор претставува прв сигнал за пенетрација на „српскиот свет“ во стратешките мрежи на Северна Македонија, преку поединци поврзани со коалицијата ВЛЕН?
Со оглед на сериозноста на случајот, Алијансата за Албанците бара: Итна смена на Бурим Латифи од функцијата директор на МЕПСО, како неопходен чекор за враќање на јавната доверба; Отворање на независна парламентарна и обвинителска истрага, за да се разјаснат околностите на потпишувањето на договорот, можниот судир на интереси и евентуалните политички влијанија; Поништување на овој опасен договор бара и итен и јавен ревизорски надзор на сите слични договори склучени од МЕПСО за време на мандатот на Бурим Латифи. Алијансата за Албанците го смета овој случај за тешко кршење на државниот интерес и обид за поставување на темели на српско влијание врз виталните системи на државата преку кревки политички сојузи и клиентелистички врски. Во време кога регионот се соочува со хибридни, геополитички и безбедносни закани, толерирањето на српско влијание во клучните сектори претставува не само политичка неодговорност, туку и јасно предавство на националните интереси и евроатлантската ориентација на државата“, велат од партијата.