Лидерот на Движењето ЗНАМ за наша Македонија Максим Димитриевски и официјално е кандидат за нов градоначалнички мандат во Куманово, а за Центар партијата го предложи Мирослав Лабудовиќ, заменик министер за енергетика, рударство и минерални суровини.
На вечерашната седница на Извршниот и Централниот одбор е одлучено ЗНАМ да настапи самостојно на претстојните локални избори со свои советнички листи во повеќе од 50 општини.
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија одржа прес конференција на која беа соопштени одлуките на Извршиот и на Централниот одбор во врска со претстојните локални избори.
„Зад нас се месеци исполнети со динамична работа на терен. Успешно ги реализиравме двете кампањи низ целата држава, преку кои илјадници граѓани ни ја доверија својата визија за подобар живот во своите општини. Наша обврска и задача е таа визија да ја претвориме во конкретни програми и проекти за претстојните локални избори“, рече портпаролот на Движењето, Никола Мемов.
„Движењето ЗНАМ за Наша Македонија започнува ново и силно поглавје во своето политичко делување.
Преку нашите претставници во локалната самоуправа ќе покажеме како вистински се управува со општините – чесно, одговорно и со визија.
Сакаме да ја информираме јавноста дека на вечерашната седница на Извршниот одбор, а потоа и на Централниот одбор, беа донесени значајни одлуки во врска со претстојните локални избори и тоа:
1.Движењето ЗНАМ за Наша Македонија ќе настапи самостојно на претстојните локални избори со свои листи за советници во повеќе од 50 општини.
2. Централниот одбор ја усвои одлуката за взаемна соработка и поддршка со ВМРО-ДПМНЕ во делот на кандидатите за градоначалници.
Оваа одлука значи дека ВМРО ДПМНЕ ќе ги поддржи кандидатите на ЗНАМ и во тие општини нема да имаат свој кандидат за градоначалник, а од друга страна Движењето ЗНАМ ќе ги поддржи кандидатите за градоначалници на ВМРО ДПМНЕ во сите општини, вклучувајќи го и градот Скопје, каде што ЗНАМ нема да има свој кандидат за градоначалник.
3. За кандидат за градоначалник на Општина Куманово едногласно е избран:
Максим Димитриевски – Магистер по правни науки, Претседател на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија и актуелен градоначалник на општина Куманово.
4. За кандидат за градоначалник на Општина Центар едногласно е избран:
Мирослав Лабудовиќ – Магистер по електротехника и информатички технологии, Претседател на Градската организација Скопје на Движењето ЗНАМ и актуелен Заменик-министер за енергетика, рударство и минерални суровини.
5. На Централниот одбор се разгледуваа и други оперативни прашањаповрзани со подготовките за претстојната кампања“, рече Мемов.
Тој нагласи дека на овие локални избори, Движењето ЗНАМ нуди кандидати со искуство и докажани резултати, стручни луѓе со интегритет и визија.
„Нашите кандидати не се само имиња на изборен плакат – тие се личности кои имаат пред се чист образ, јасен план и визија да донесат вистински промени во своите општини, достојни на довербата што ќе ја добијат.
Ние веќе докажавме преку нашето учество во Владата дека знаеме да раководиме со институции на независен и ефикасен начин, со еден и единствен приоритет – интересот на граѓаните и националните интереси на Македонија.
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија ќе биде гаранција дека секој проект, секоја идеја и секој предлог од граѓаните ќе биде претворен во реалност.
Нашите советници и градоначалници ќе се погрижат секоја општина да стане подобро место за живеење – со современа инфраструктура, квалитетно образование, силна социјална заштита, поддршка за културата и спортот и нова енергија за локалниот развој.
На овие избори, ние не бараме само доверба, ние бараме шанса за Македонија да покаже дека знае и може повеќе. ЗНАМ за Наша Македонија е движењето што ја става државата пред партијата, граѓаните пред личните интереси и иднината пред минатото.
Заедно, со визија и одговорност, ќе ја изградиме Македонија каква што ја заслужуваат нејзините граѓани“, рече на прес конференцијата на Движењето, портпаролот Мемов.
Запрашан зошто ЗНАМ настапува со два кандидати и дали се задоволни со бројот на општините каде што ќе имаат кандидати за градоначалник, Мемов одговори:
„Во медиумите се креира наратив околу бројот на кандидати за градоначалници. Движењето ЗНАМ многу внимателно го гради својот равој и довербата кон граѓаните. На овие локални избори пристапуваме многу релаксирано, ослободени од било каков притисок за кандидирање на градоначалници во голем број на општини, по секоја цена. Засега утврдивме кандидати за
градоначалници во најголемата општина во Македонија, тоа е Куманово и во најзначајната општина во Скопје, тоа е општината Центар.
Процесот на аналитика и проверка за други општини сеуште е отворен и не ја исклучуваме можноста ЗНАМ да има кандидати за градоначаници и во други општини. Од друга страна, Движењето ЗНАМ ќе настапи со многу сериозни кандидатски листи за советите во над 50 општини во Македонија.