Американскиот сенатор Берни Сандерс синоќа во Тексас одржа говор во кој остро го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп и најбогатиот слој на американското општество. Тој рече дека САД се „на работ на невидена опасност“.
Сандерс ја критикуваше улогата на парите во политиката, корпоративната алчност и предлогот за буџет на Трамп, за кој рече дека дополнително го продлабочува јазот меѓу богатите и сиромашните.
I learned about Trump’s unconstitutional attack on Iran at a large rally in Tulsa, Oklahoma. Here is the response: pic.twitter.com/eziVpp3Y54
— Bernie Sanders (@BernieSanders) June 22, 2025
На почетокот на говорот Сандерс дозна дека САД го нападнале Иран. Сандерс изјави дека тоа се незаконски и неуставни напади, бидејќи според американскиот закон, само Конгресот може да одобри влегување во војна.
„Имаме претседател кој речиси секојдневно дејствува против вредностите на оваа земја и против интересите на работничките семејства“, рече Сандерс пред толпата.
Од друга страна, Белата куќа соопшти дека станува збор за ограничена воена акција против нуклеарните капацитети на Иран, а не за објавување војна.
„Америка се соочува со огромни проблеми дома. Треба да инвестираме во обновата на Америка, а не да водиме војни против Иран“, рече Сандерс.
Толпата неколку пати извикуваше „Нема нови војни“, а многумина носеа маици од претходните претседателски кампањи на Сандерс.
Неговиот собир доаѓа во време кога голем број истакнати републиканци од Тексас изразуваат отворена поддршка за Трамп и неговата одлука да нападне ирански цели.
Додека Демократската партија сè уште се обидува да најде начин да се справи со Трамп, Сандерс собира граѓани низ САД како дел од неговата турнеја против олигархија, често придружена од конгресменката Александрија Окасио-Кортез.
Сандерс, 83-годишниот сенатор од Вермонт кој двапати неуспешно ја бараше демократската претседателска номинација (во 2016 и 2020 година), останува верен на својот наратив: дека огромната економска нееднаквост ја уништува американската демократија и животите на обичните луѓе.
„Премногу Американци се борат да ги прехранат своите семејства и да ја платат киријата, додека на оние на врвот им е подобро од кога било“, рече тој.