Зградите на ФИНКИ и на Факултетот за физичко образование пропаѓаат со години, стручна анализа треба да ја одблокира изградбта

Од:

Зградите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје ќе продолжат да се градат откако ќе биде направена стручна анализа од работна група која, на иницијатива на МОН, ќе ја координира Градежниот факултет на УКИМ. Нивната изградба, во близина на Ректоратот на Скопскиот универзитет, почна во 2015, беше запрена во 2019 и повеќе од шест години нема никаква теренска активност.

Формирањето на тимот кој ќе прави анализа за состојбата во која стојат започнатите објекти и која ќе го дефинира начинот како ќе се одблокира и ќе продолжи изградбата, сите наредни фази до конечна реализација на проектот е во основата на меморандумот што денеска го потпишаа првите луѓе на МОН, УКИМ, Градежниот факултет и Службата за општи и заеднички работи при Владата (СОЗР). Ќе бидат изготвени финални ревидирани проекти по кои ќе продолжи изградбата затоа што постојните се стари над една деценија и потоа да почнат постапките за јавна набавка и да се избере најповолен изведувач.

Се очекува на крајот на оваа или почетокот на идната година да биде објавен јавниот повик за изградба на двата објекта. Од расположивите средства во буџетот ќе зависи дали ќе се градат одеднаш или еден по еден.

Во тимот што ќе ја прави стручната анализа ќе бидат претставници-експерти од соодветни факултети и институции, од засегнатите факултети, како и од ИЗИИС, а сите ќе ги координира Градежниот факултет. Меморандумот нема финансиска компонента, односно целата стручна анализа ќе биде направена без надомест, за што министерката Весна Јаневска денеска им се заблагодари на деканот на Градежен, Горан Марковски, и на ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова за нивната општествена одговорност.

Пред потпишување на меморандумот, Јаневска истакна дека завршувањето на изградбата на двата објекта во кампусот на УКИМ е „една од програмските задачи на Владата“ која ќе биде остварена за време на нејзиниот мандат. Како што рече, за двата објекта е веќе истечена важноста на документацијата за градба, изменети се дел од законските решенија, а започнатите објекти кои се во фаза на непокриена карабина се во лоша состојба.

-Со овој меморандум формираме работна група во која секој од нас, односно институциите кои ги застапуваме, се обврзуваат да спроведат индивидуални и заеднички активности кои ќе придонесат кон обезбедување чиста состојба за продолжување на изградбата на овие два објекта. Заедно ќе извршиме увид во физичката состојба на објектите, ќе направиме преглед на расположливата инвестициско-техничка документација и дефинирање на начинот на кој би продолжила изградбата во согласност со потребите на крајните корисници, истакна Јаневска. Додаде дека веројатно ќе треба и дополнување на првичниот архитектонскиот проект бидејќи, рече, „веќе е донесена одлука фасадата дефинитивно да биде променета“.

Министерката соопшти дека според потпишаните договори за реализација на проектите во 2015 година, изградбата на ФИНКИ требало да чини 784 милиони денари, но само 40 проценти од работите во договорот се реализирани и исплатени или, како што рече, „тоа е износ од 110 милиони денари“. Градењето на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, пак, требало да чини 432 милиони денари, а реализација на проектот е 16,2 проценти или исплатени се 73 милиони денари.

Ректорката на УКИМ Биљана Ангелова истакна дека со потпишувањето на меморандумот се возобновува идејата за изградба на двата факултета што, рече, е од големо значење за Скопскиот универзитет.

-ФИНКИ е еден од најголемите факултети на нашиот универзитет и воопшто во државата, со над пет илјади студенти кои во моментот се распределени на техничкиот кампус на УКИМ, а студентите од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје се сместени во супстандардни услови. Така што ова ќе значи значително подобрување на квалитетот за работа на нашите наставници и за студирање на нашите студенти, рече Ангелова.

Деканот на Градежниот факултет Горан Марковски истакна дека со голема одговорност ќе ја преземат оваа, како што рече, исклучително битна задача за да се спречи натамошно пропаѓање на започнатите објекти за овие два факултета.

-Да ја увидиме нивната моментална состојба и да најдеме најсоодветен начин за нивно одржливо завршување. Покрај експерти од Градежниот факултет, во оваа работна група ќе бидат вклучени и наши колеги од другите факултети при УКИМ, како Архитектонскиот, Институтот за земјотресно инженерство, инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Електрофакултетот, Машинскиот и други, за да се вклучи сето знаење и капацитети што ги имаме за да добиеме оптимални објекти коишто ќе служат на Универзитетот. Најлоша варијанта е овие објекти да останат во состојба во којашто се, за кои се потрошени сериозни средства, а со тек на време пропаѓаат, рече Марковски.

Директорот на СОЗР Ивица Томовски посочи дека стојат на располагање со нивната логистика, човечки потенцијал и кадар да придонесат во изградба на објектите и, како што рече, да излезат максимално во пресрет „за студентите конечно да добијат соодветни услови за студирање“.

Би можело да ве интересира

Николовски: Партиски членови не треба да се на раководни функции на студентско организирање

Бесплатни стоматолошки прегледи за студентите на УКИМ

УКИМ донира 3.800.000 денари за настраданите во Кочани

Студентите на УКИМ нема да организираат големи собири, на ниво на факултети ќе се искажува почит кон загинатите во Кочани

А1он

Студентите се собраа на заеднички час во чест на жртвите од трагедијата во Кочани

Катерина Ѓуровски

Студентите нема да одат на настава една недела, ќе организираат настани за почит на жртвите