САД и Украина потпишаа договор со кој на Вашингтон му се дава пристап до дел од природните ресурси на земјата, која е разорена од војна. Договорот, кој се подготвуваше со месеци, воспоставува инвестициски фонд за реконструкција за кој Украина верува дека ќе ја зајакне американската поддршка во третата година од отпорот кон руската агресија.
Би-Би-Си ja виде нацрт-верзијата на договорот, но не и неговата конечна верзија. Врз основа на тој нацрт и изјавите од Киев и Вашингтон, еве седум клучни точки:
1. Украина нема да мора да враќа никаков долг кон САД
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно побара Украина да врати 350 милијарди долари, што, според неговите тврдења, изнесува воена и финансиска помош на САД од почетокот на војната. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрли тоа барање.
Но, Вашингтон се чини дека попушти. Украинскиот премиер Денис Шмихал изјави дека договорот не предвидува никаква обврска за враќање на наводниот „долг“.
Сепак, Трамп го претстави договорот како победа за неговата страна, велејќи дека САД „теоретски ќе добијат значително повеќе“ отколку што претходната администрација инвестираше во помош на Украина.
2. САД користат поостар тон кон Русија
Американската администрација користеше значително поостар јазик отколку што беше случај досега во изјавите на владата на Трамп.
Во соопштението за медиумите на Министерството за финансии на САД се наведува дека станува збор за „тотална руска инвазија“ и се додава: „Ниту една земја или поединец што ја финансирал или снабдувал руската воена машина нема да има корист од обновата на Украина“.
Овој тон веројатно ќе го охрабри Киев, кој во преговорите меѓу Москва и Вашингтон инсистираше на поголем притисок врз Русија.
3. Договорот, исто така, вклучува проекти за нафта и гас
Иако поголемиот дел од јавните разговори се однесуваат на минералното богатство на Украина, договорот вклучува и нови проекти поврзани со нафтата и гасот и сродната инфраструктура.
Во сите случаи, сопственоста на ресурсите останува украинска, иако САД ќе имаат заеднички пристап. Ова се смета за омекнување на претходната позиција на Украина, бидејќи таквите елементи не беа дел од првите верзии на договорот.
4. Договорот не го спречува пристапувањето на Украина во Европската Унија
Украина со години се стреми кон членство во ЕУ, а преговорите официјално беа отворени минатиот јуни.
Постоеја стравувања дека договорот со Вашингтон би можел да го отежни приклучувањето кон ЕУ, особено ако американските инвеститори добијат преференцијален статус, со оглед на тоа што Украина веќе има стратешко партнерство со Брисел за суровини.
Но, во текстот на договорот се наведува дека САД ја признаваат намерата на Украина да се приклучи кон ЕУ и дека оваа цел не смее да биде доведена во прашање со овој договор.
Договорот, исто така, предвидува дека, доколку Украина треба да ги ревидира условите поради своите обврски за пристапување, САД се согласуваат да преговараат „со добра намера“. Киев, исто така, објави дека САД ќе го поддржат трансферот на инвестиции и технологија од ЕУ и други земји.
5. Профитот за првите десет години се реинвестира во Украина
Според договорот, во првата деценија од работењето на фондот за обнова, целата остварена добивка ќе биде целосно реинвестирана во украинската економија.
Може да биде од големо значење ако се потврди дека САД не остваруваат директна финансиска корист во првите десет години. Украина очекува сите приходи од фондот да бидат насочени кон обнова на земјата и нови проекти.
По овој период, добивката ќе се подели меѓу партнерите. Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави за „Фокс њуз“ дека договорот „испраќа порака до американскиот народ дека имаме можност да учествуваме, да надоместиме дел од трошоците и да станеме партнери во успехот на украинскиот народ“.
6. Американската воена помош е повторно на маса
Договорот е формулиран на таков начин што е претставен како предуслов за продолжување на американската воена помош за Украина.
Првата вицепремиерка на Украина, Јулија Свириденко, која отпатува во Вашингтон за да го потпише договорот, рече дека тој предвидува нова американска поддршка, вклучително и испорака на системи за воздушна одбрана.
Ова би можело да претставува промена во политиката на Трамп, со оглед на тоа што неговата администрација претходно се залагаше за намалување на воената помош за Украина.
Не е познато како договорот ќе влијае на ситуацијата на бојното поле. Москва сè уште не даде официјална изјава.
7. Сепак, САД можат да се повлечат во секое време
Договорот не содржи цврсти безбедносни гаранции од САД, што Украина и нејзините европски сојузници долго време ги бараат од Вашингтон. Трамп постојано покажуваше неподготвеност да се обврзе на воена помош со ист интензитет како претходната администрација.
Американската поддршка за Украина во овој случај е условена исклучиво од економските компоненти на договорот. Поради ова, сè уште постои одредена неизвесност околу трајноста на американската посветеност на Киев.