За едни празник, за други делник. Иако 24-ти е неработен ден за сите граѓани, ова вообичаено не важи за градежните работниците, кои за мали пари, а притиснити од големите газди и кратките рокови и денеска го градеа Скопје.
И додека надлежните се фалат дека големиот проект ќе го завршат порано од предвиденото, пред нивни очи се кршат законите. Работењето за празник, за викенд , па и над 12 часа дневно, за градежните работници, наместо исклучок веќе станува правило.
На сајтот на Државниот инспекторат за труд стои:
„Работникот има право на отсуство од работа со надоместок на плата за празниците на Република Македонија.Ова право може да се ограничи, ако производниот процес се одвива непрекинато или природата на работата бара вршење на работата и на празничен ден, со тоа што работодавачот е должен да исплати зголемена плата согласно Закон и колективен договор“.
Но повисоката плата тешко се исплатува, а градежништвото останува една од најкритичните дејности, појаснуваат од сојузот на синдикати и велат, работниците молчат за злоупотребата исплашени дека може да ја изгубат и онаа плата која ја добиваат секој месец.
Само минатата година, 11 градежи работници загинаа на работа. Дел од нив воопшто и не биле пријавени како вработени.
Јасмина Јакимова