Молкот за контроверзните бугарски фирми на баџанакот на Мицкоски – Јорданчо Јанев, добива нова димензија кога ќе се погледнат донациите на владејачката партија. Имено, токму баџанакот на Мицкоски се јавува како донатор на ДПМНЕ со сума од 20.000 евра (во 2019 и во 2021 година). За баџанакот на премиерот медиумите веќе објавија дека поседува и бугарско државјанство од 2017 година, по примерот на министерката за енергетика Сања Божиновска. Изговорот на министерката Божиновска беше дека бугарското државјанство го добила од економски причини. Очигледно, за да си успешен бизнисмен предуслов е да поседуваш бугарско државјанство, велат од Левица.
– Дополнително, нејасно е како со професорки плати, фамилијата на Мицкоски донирала речиси 60.000 евра за партијата ДПМНЕ, односно самиот премиер Мицкоски, неговата сопруга и неговиот татко во 2019 и 2021 година донирале 2.950.000 денари.
Иако премиерот Мицкоски сака да говори дека живеел само од професорска плата, непобитен е фактот дека со професорка плата не може да се заштедат вакви огромни суми, ниту пак да се купуваат часовници од по 60.000 евра. За бизнисменското минато на Мицкоски јавноста речиси и да не запознаена, затоа што премиерот дури и во својата биографија до Собранието не го наведе податокот дека се јавува како сопственик на две фирми во енергетскиот бизнис. Зошто премиерот Мицкоски упорно избегнува да даде отчетност за неговите удели во енергетскиот бизнис, ниту пак колку пари заработил и на кој начин од овие бизниси? Потсетуваме дека во овие бизниси инволвирани беа и струмички фирми, од каде потекнува токму баџанакот на Мицкоски (кој поседува бугарски фирми).
Јасно е дека шемата на владеење на премиери кои доаѓаат од бизнис-секторот постојано се пресликува во Македонија. И фамилиите Заеви и фамилиите Мицкоски беа директно инволвирани во енергетскиот бизнис, додека граѓаните плаќаат најскапа струја во Европа. Односно, мегаломанските профити за енергетската мафија (која е најдиректно поврзана со врвот на властите) ги плаќа директно сиромашниот народ. Молкот од институциите за ваквите огромни донации кои доаѓаат директно од претседателот на партијата, само покажува колку институциите се целосно заробени. Просечно македонско семејство со својата плата одвај може да ги покрие трошоците во месецот, додека фамилијата на Мицкоски комотно може да издвои сума од 60.000 евра за да ги донира на партијата, наводно само со професорски плати, се вели во соопштението од партијата.