Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун изврши проверка на новите воени бродови и издаде наредба за зајакнување на морнарицата, пренесуваат медиумите.
На контролата и претходеа дводневните заеднички поморски воени вежби на САД, Јапонија и Јужна Кореја во близина на Корејскиот полуостров, во кои учествуваше и американскиот носач на авиони на нуклеарен погон „Џорџ Вашингтон“, што предизвика коментари и закани од Пјонгјанг.
Северна Кореја ги осуди воените вежби, ги оцени како сериозна провокација и вети дека ќе го уништи тој американски носач на авиони, пренесе „Франс прес“.
Севернокорејскиот претседател заедно со шефот на генералштабот Ри Јонг Гила и морнаричкиот командант Ким Мјонг Сика направи проверка на новопроизведените воени бродови и ги следеше нивните маневри, пренесе Севернокорејската централна национална агенција (КЦНА), не наведувајќи детали за бројот и видот на бродовите.
Ким ги пофали научниците, техничарите и работниците за производството на тие современи воени бродови и повика на зајакнување на воената морнарица и нејзина борбена подготвеност.
Елена Георгиевска