Говорот кој требаше да го одржи претставникот на Главниот одбор на СБМ на свечениот собир по повод одбележувањето на 11 октомври, денот на востанието на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор и денот на борецот.
Тоа не се случи бидејќи организаторот сметаше дека нема потреба од настап на преживеаните борци од НОВ.
Почитуван господине Ѓорѓе Иванов, претседател на Република Македонија,
Дами и господа, екселенции странски дипломати,
Другари борци и граѓани продолжувачи на борбените традиции,
Драги пријатели,
И вечерва, со право и должен пиетет, го славиме Почетокот. На единственото победничко Востание, во големата низа од бунтови и востанија што низ цел еден милениум по катастрофичната Беласица 1014 година ги остварувале сите генерации на ова убаво парче од земјата Македонија.
Почна во 11. октомвриска ноќ 1941 година во Прилеп. Тукушто формираниот партизански одред по однапред, прецизно утврдениот план за дејствување, се распореди во неколку групи и тргна во неговата прва борбена акција. Целта: напад на участокот на бугарската полиција во Прилеп. Групата за непосредниот удар ја сочинуваа неколку партизани. Сите комунисти. Студенти и работници. Цвет на генерацијата која тукушто стапуваше на политичката сцена. Дејствуваа тимски. Само еден од нив, Душко Наумовски, смело се приближи до униформираниот и вооружен стражар на Царството Бугарија. Ја стави растреперената десна рака во џебот на левата пазува. И брзо ја извлече. Во миг го сретна погледот на непријателот. Десниот показалец само го мрдна. Еднаш. Во тој историски миг чвакна само мала, светлива искра. Проследена со тресок што одвај да се слушна подалеку.
Меѓутоа, таа мала искра, тој единствен истрел одекна како страшна експлозија, како вулканска ерупција, со невидена разорна сила. Во сите градови и села на поробена Македонија. Се раскажуваше, се анализираше, се преувеличуваше, се минимизираше, ама не можеше да се сокрие. Се валкаше, се лажеше, ама бесот како израз на страв на окупаторот можеше само да ги преполни затворите. Целото Царство Бугарија се затресе, по тоа падна, се сруши, од силата и солзите насобрани со векови. Како во Библијата: Давид го победи Голијат. Македонскиот народ ја оствари својата победа. Македонија стана држава. Со сите нишани. Прилепската октомвриска ноќ на Душко Наумовски и на партизанскиот одред влезе во историјата. Низ триумфалната порта на народното паметење.
Науката го дефинира народното востание како вооружен облик на национална организирана борба. Историографијата утврдила дека народната епопеја на Македонија 1941-1945 година почна и се развиваше во посебно тешки услови. Тие уште повеќе се влошија со германско-италијанската и бугарската фашистичка окупација на Македонија. Каква сила беше таа окупација зборува само фактот дека тука беа стационирани 40 илјади војници, 4 илјади полицајци, 6 илјади административци и многу други, донесени од Бугарија. Токму затоа, нашето Востание можеше да се оствари дури откако во ПК во Скопје победи линијата на ЦККПЈ за народноослободителна војна. Со упорноста на македонските комунисти, македонските партизани а подоцна и македонската војска од 66 илјади војници организирани во бригади, дивизии и корпуси под Врховна команда на Тито, самата ја ослободи Македонија. Се разбира, беше обрнато особено внимание и на мрежата народни одбори кои станаа основа на која израсна АСНОМ. Преку нив и преку одборите на Народниот фронт се остваруваше политичкото единство на граѓаните. Така се создаде вистинска сплотеност на сите граѓани независно од нивната етничка и верска припадност. Окупаторот многу инсистираше да го сруши тоа единство. Тој формира, вооружи и плаќаше балистички и качачки формации, како и контрачети од платеници доведени од Бугарија или „дражиќевци“. Сите тие направија крвави злосторства. Меѓутоа, окупаторот не успеа во неговата безочна замисла да предизвика меѓуетничка и меѓуверска војна. Конечно, тие беа потполно разбиени.
Својот посебен придонес во Антифашистичката коалиција македонската војска го изрази во конкретни битки против германските армиски формации при нивното повлекување од територијата на Грција и Африка. Тоа беше значајно за да се спречи или забави нивното вклучување во завршните операции за сломот на нацизмот/фашизмот.
Октомвриското востание на Македонија мораше да успее бидејќи КПЈ како политичка сила која непосредно го организира и го предводеше, знаеше и умееше да ги согледа суштинските прашања и да создаде услови за победа. Прво, внатре таа оствари цврсто национално единство, и второ, надвор обезбеди сојузници. Македонскиот народ, граѓаните на Македонија се обединија околу својата КПЈ, им веруваа на македонските комунисти и на Тито. Големите членки на Антифашистичката коалиција на глобален план и народите на Југославија на внатрешен план, беа сигурни сојузници. КПЈ на чело со Тито беше единствената политичка партија која уште пред Втората светска војна решително соопшти дека во Кралството Југославија постои и Македонска нација, која заслужува слобода и рамноправност. Силно одекна Второто заседание на АВНОЈ од 29 ноември 1943 година во босанското гратче Јајце дека во новата Југословенска федерација ќе го нема кралот, ама ќе има 6 рамноправни републики меѓу кои и Република Македонија. Тогаш и таму, за прв пат е употребен македонскиот јазик во официјален документ.
Од 11 октомври 1941 година поминаа 72 години. Истече многу вода низ реката Вардар. За жал, наместо безрезервна почит и признание, од пред 7 години се чувствува засилено неодговорен, дури полн со невистини, однос спрема почетокот на Востанието и спрема сета Народноослободителна и антифашистичка војна на Македонија. Вчудовидувачки беше кога од собраниската говорница пратеничка од групата на ВМРО-ДПМНЕ пропелтечи дека нападот на участокот на бугарската полиција значел братоубиствена војна. Немаше официјален демант. Пратеничката не му се извини на македонскиот народ. Во јавноста зачестија злонамерни прашања, со цел да се девалвира победата на Востанието. Сегашните партискополитички вреднувања се исполнети со тешки критики спрема тогашните херои и протагонисти. „Зошто Македонија влезе во Југославија, а не стана самостојна?“ „Зошто не се оствари обединета Македонија, туку држава се направи само на еден дел од етничката територија?“ И тоа без да се каже ниту збор за тогашните политички и воени услови, особено во времето на судирот со Информбирото (Сталин) кога мораше да се брани опстојбата на тукуштосоздадената држава. Сета среќа е што тие кои предводеа во народната епопеја, дејствуваа смело и рационално, благодарение на што победата не се претвори во пораз. Секоја чест и признание на тогашниот триумф на разумот над лудоста.
И јас, иако ја терам 93-тата, понекогаш си дозволувам да ја ослободам мојата фантазија. Тогаш замислувам како би изгледало кога би се сретнале на заедничка маса народните херои Кузман Јосифовски Питу, Михајло Апостолски и Стив Наумов со тројцата денешни врвни државни функционери? Сигурен сум дека хероите би им рекле само една куса порака: „Не аздисувајте! Mакедонското национално единство се разнебитува.“ Овој глаголски императив вреди да се запамети и да се дејствува.
Ние вечерва, заради свечаниот миг ќе го споменеме само односот спрема народната епопеја 1941-1945 година. Ако сме согласни дека резултатот од победата во таа народна војна претставува драгоценост за каква мечтаеле сите генерации, тогаш тоа ја заслужува сета безрезервна почит и восхит за векутумувек. Затоа што е слика за гигантски напор во кој учествувало скоро секое семејство. Жртвувани се 24 илјади животи. Остварен е потполн успех за македонскиот простум. За одата на радоста, за македонското достоинство. Затоа се надевам дека нема да бидам погрешно разбран што чувствувам дека сум должен спрема борците, со кои скоро цели 4 години делевме добро и зло, и денеска јавно да искажеме искрена надеж дека раководството на сегашната владејачка партија ќе го усогласи својот амбивалентен став кој почна како потполно негирање, а денеска продолжува со загрижувачка недефинираност. Покрај многу други, кон ова водат во јавноста искажаните чудни конструкции дека имало „самоидентификација на НОБ со ВМРО“, дека „НОВ била непосредно организирана од припадници на ВМРО“, па дури и дека „имало коалиција меѓу КПМ и ВМРО“. Иако е познато дека тогаш не постоела ВМРО, била ликвидирана како терористичка организација во 1934 година со одлука на бугарската влада, а функционери на некогашната ВМРО во 1941 година станаа слуги на бугарските фашистички окупатори на Македонија, додека Иван Михајлов отворено се приклучи на Хитлер. Најчудно е што државната пропаганда и официјални лица не прават разлика меѓу времето на војната и времето потоа. Впечаток е дека се сака македонскиот народ и сите граѓани на Македонија да се срамат и да заборават на најпродуктивниот период од своето минато. Прашање е како би изгледало некој поединец или партија во Франција да рече дека француската револуција била братоубиствена војна, а гилотината била злосторничка направа? Сите би скокнале во одбрана. Па, зошто да не учиме од нив? Да не се дозволи некој да го сквернави светиот спомен на херојското време на Македонија. Со чесен приод кон историските факти сета оваа бркотница може и треба поскоро да се надмине за да се спречат штетни последици, особено во образованието.
11 – октомвриска ноќ во 1941 година е нераскинливо поврзана со Слободата, со копнежот, со вистината, со правдата. Во таков контекст почетокот на Востанието ќе остане вечна тема. Најпрвен во меморијата на луѓето, како дело на духовното богатство, на успесите и предизвиците. Науката, посебно историографијата веќе го кажа својот суд. Останува уметноста тоа да го користи и развива како инспирација за вдахновени творечки дела. Се вели дека уметноста не може да го менува светот. Меѓутоа, ако уметничкото дело го возбуди и само еден човек, сигурно ќе значи дека копнежите на луѓето од некогашните времиња можат да бидат траен извор на благородни чувства за натамошни успешни напрегања и вишнеења.
Вечно да живее Република Македонија!
Проф. д-р Трајче Грујоски,
носител на „Партизанска споменица 1941“