Трамп утре ќе разговара со Путин за завршување на војната: „Веќе договараме за поделба на ресурси“

Од:

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека утре ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин за можниот крај на тригодишната војна во Украина, по позитивниот исход од разговорите меѓу американските и руските претставници во Москва.

„Во вторник ќе разговарам со претседателот Путин. За време на викендот беше завршена многу работа. Сакаме да видиме дали можеме да ја завршиме оваа војна. Можеби можеме, можеби не можеме, но мислам дека шансите се добри“, рече Трамп за време на летот од Флорида до Вашингтон. Трамп ќе се обиде да добие поддршка од Путин за предложениот 30-дневен прекин на огнот што Украина го прифати минатата недела.

На прашањето кои отстапки би можеле да бидат предмет на разговорите со Путин, Трамп рече: „Ќе зборуваме за територија. Ќе разговараме за електрани… веќе разговаравме детално за многу работи со двете страни, Украина и Русија. Веќе зборуваме за тоа, за поделбата на одредени ресурси (помеѓу Украина и Русија).

Американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров завчера разговараа за „следните чекори“ во предложениот прекин на огнот во Украина, пишува Politico.

На неодамнешниот состанок во Џеда, делегациите на САД и Украина се договорија за неколку клучни точки, вклучително и привремен прекин на огнот во траење од 30 дена, со можност за продолжување доколку и Русија и Украина се согласат на тоа. САД, исто така, го потврдија продолжувањето на воената и разузнавачката помош за Украина, укинувајќи ја претходната пауза во испраќањето воена помош и споделувањето безбедносни информации.

Реагирајќи на овие договори, Владимир Путин изрази внимателна поддршка за предлогот за прекин на огнот, но нагласи дека е потребен дополнителен дијалог за да се обезбеди долгорочен мир и „да се решат причините за конфликтот“.

Тој исто така рече дека Украина може да го искористи прекинот на огнот за мобилизирање и зајакнување на воените капацитети и го постави прашањето како ќе се следи спроведувањето на прекинот на огнот на фронтот долг околу 1.300 километри.

Рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко во синоќешната изјава за рускиот медиум „Известија“ изјави дека Русија во мировните преговори ќе бара гаранции од земјите на НАТО дека нема да ја прифати Украина во својот сојуз, односно дека Украина мора да остане неутрална.

„Ќе бараме железните безбедносни гаранции да станат дел од овој договор. Една од овие гаранции е неутралниот статус на Украина, односно одбивањето на земјите од НАТО да ја примат Украина во алијансата“, рече Грушко.

Заменик-шефот на руската дипломатија го повтори ставот на Кремљ дека се противи дури и на пристигнувањето војници од земјите-членки на НАТО во Украина како дел од меѓународните мировни сили, откако Франција и Велика Британија изразија подготвеност да испратат свои војници во мировна мисија за следење на прекинот на огнот.

„Не е важно под која ознака силите на НАТО пристигнуваат во Украина: било да е тоа Европската унија, НАТО или националниот капацитет. Доколку се појават таму, тоа ќе значи дека тие се распоредени во зоната на конфликтот со сите последици за овие контингенти како страни во конфликтот“, рече Грушко, додавајќи:

„Можеме да зборуваме само за распоредување невооружени набљудувачи, цивилна мисија која ќе го следи спроведувањето на одредени аспекти од договорот или механизми за гаранција откако ќе се постигне договор. Дотогаш, сето тоа е само воздух“, рече тој.

Би можело да ве интересира

Трамп: Секој понатамошен напад на јеменската група Хути ќе биде пречекан со „голема сила“

Макрон: Не ни треба руска дозвола за испраќање војници во Украина

ВИДЕО: Новинарка со микрофонот го удри Трамп

Москва предупредува: Времето истекува

Песков: Постојат причини за внимателен оптимизам

Зеленски: Путин е манипулатор