Киев се согласи со условите на договорот за ретки минерали со САД и украинскиот претседател Володимир Зеленски би можел да го потпише веќе задутре во Вашингтон, додека Европејците ќе се состанат денеска во Брисел за да се обидат да влијаат на решавање на конфликтот во Украина. Нови детали од договорот протекоа во текот на ноќта.
Извор запознаен со содржината на нацрт-договорот рече дека тој не вклучува никакви американски безбедносни гаранции или продолжување на испораките на оружје, но наведе дека САД сакаат Украина да биде „слободна, суверена и безбедна“, објави Ројтерс.
Друг извор изјави за Ројтерс дека идните испораки на оружје сè уште се разговараат меѓу Вашингтон и Киев.
Украинскиот онлајн портал „Украинска правда“ објави дека е постигнат договор за американски пристап до суровини во земјата погодена од конфликтот во замена за поддршка од Вашингтон, додавајќи дека имале увид во нацрт-договорот.
Висок украински функционер синоќа за АФП изјави дека Американците ги отстраниле сите клаузули кои не им одговараат на Украинците, особено онаа за 500 милијарди долари што минералите требаше да ги донесат во САД.
Истиот извор изјави за АФП дека Вашингтон ќе развие рудно богатство со Украина, а приходите од тоа ќе одат во нов фонд со кој заеднички ќе управуваат Украина и САД.
„Слушнав дека доаѓа во петок. Тоа е сосема во ред со мене. Тој би сакал да го потпише со мене и го разбирам тоа – тоа е голема работа, многу голема работа“, им рече Доналд Трамп на новинарите во вторникот во Белата куќа.
Изворот, кој сакаше да остане анонимен, изјави за Ројтерс дека Белата куќа предложила посета на Зеленски. Официјални лица од двете страни се согласија со нацрт-договорот за минерални суровини и советуваа тој да биде потпишан, рече изворот.
Состанокот во Белата куќа може да му даде можност на Зеленски директно да му го претстави на Трамп случајот за континуирана американска поддршка за Украина, откако американскиот претседател минатата недела го обвини Киев за започнување на војната.
Американскиот претседател побара од Украина да му дозволи пристап до минералните суровини како компензација за помошта од милијарди долари доделена на Украина од администрацијата на неговиот претходник Џо Бајден.